ЗАБРЗАНО СЕ РАЗВИВА АПЛИКАЦИЈАТА ЗА СТУДЕНТСКИ ПОПУСТИ ОД 20% Јаневска не гледа логика во најавениот протест
Правото на протест е загарантирано, но јас навистина не разбирам против што би протестирале. Државата им нуди повеќе од тоа што го имаат, а тие сакаат против тоа да протестираат. Не ја гледам логиката, изјави министерката за образование.
Проектот за проширување на мерката за субвенциониран студентски оброк преку апликацијата „М-услуги“ се развива со забрзано темпо, информираше денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска. Со новото законско решение студентите ќе добијат картичка со која ќе остваруваат попуст од 20% на услугите достапни преку апликацијата.
– Формирана е работната група, многу брзо се развива проектот. Заинтересирани сме брзо да се развие проектот. Во комуникација сум со релевантните студентски собранија и мислам дека немаме проблем и дека многу брзо ќе дојдеме до решението – нагласи Јаневска.
Министерката ја коментираше и најавата за студентски протест поради предложените промени во мерката за студентски оброк.
– Правото на протест е загарантирано, но јас навистина не разбирам против што би протестирале. Државата им нуди повеќе од тоа што го имаат, а тие сакаат против тоа да протестираат. Не ја гледам логиката – рече Јаневска.
Генералниот секретар на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Дамјан Коњановски, денеска на прес-конференција откри дополнителни детали за новото законско решение.
– Станува збор за ново законско решение, со кое секој студент ќе добие студентска картичка, преку која студентите ќе можат да остваруваат 20% пониски цени за сите услуги што ќе ги користат преку апликацијата „М-услуги“ – рече Коњановски.
Картичката ќе може да се користи и надвор од академската година.
Во подготовката на законското решение се вклучени Министерството за образование и наука, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за финансии, Генералниот секретаријат и Кабинетот на премиерот.
На развојот на посебна апликација и на дигитална картичка работи Министерството за социјална политика, демографија и млади.