ЕСТОНИЈА ГИ ЗАТВОРА ГРАНИЦИТЕ, МОСКВА ГО ЗАОСТРУВА ТОНОТ Само товарните возови ќе минуваат по копно
Од 1 декември ќе бидат затворени сите 5 патни гранични премини. Москва ги негира обвинувањата за саботажи и предупредува на опасност од отворен воен конфликт.
Естонија од 1 декември ги затвора сите патни гранични премини со Русија на 6 месеци. Властите во Талин ја образложуваат одлуката со зачестените саботажи и со хибридните операции што им ги припишуваат на руските разузнавачки служби.
Москва ги отфрли обвинувањата за вмешаност во саботажите. Руското Министерство за надворешни работи предупреди дека непријателските постапки на Естонија ги доведуваат односите меѓу двете земји до работ на отворен воен конфликт.
Одлуката за затворање на премините беше донесена на 20 ноември, пишува естонскиот јавен радиодифузен сервис ЕРР.
Премиерот на Естонија, Кристен Михал, посочи дека безбедносните служби регистрирале повеќе од 10 напади во изминатите години.
Спречен напад врз фабрика за дронови
Естонските власти сметаат дека прекуграничното движење им олеснува на руските разузнавачки служби да регрутираат лица за саботажи и да ги заобиколуваат меѓународните санкции.
На 14 ноември беше спречен обид за подметнување пожар во објект на производителот на дронови „Треод системс“, во близина на Талин. Во рамките на истрагата беа приведени 8 државјани на Летонија.
Естонската служба за внатрешна безбедност тврди дека операцијата била нарачана од руската воена разузнавачка служба ГРУ.
Ова е втор обид за напад врз компанија од естонската одбранбена индустрија годинава. Во август цел на сличен напад беше производителот на воени роботизирани системи „Милрем роботикс“.
Министерот за надворешни работи на Естонија, Маргус Цахкна, нагласи дека одлуката за затворање на премините не е реакција на изолиран инцидент. Според него, зачестените саботажи се закана за безбедноста на цела Европа.
Ниту пеш ниту со автомобил
Затворањето на патните гранични премини ќе стапи во сила на 1 декември во 7 часот наутро. Преминувањето нема да биде дозволено ниту пеш ниту со автомобил.
Ограничувањата ќе важат и за државјаните на Естонија. Властите ги повикаа своите граѓани кои се наоѓаат во Русија навреме да го испланираат враќањето.
Ќе запре и директниот автобуски и патниот товарен сообраќај. Железничкиот товарен транспорт ќе продолжи под строги царински контроли.
Пред почетокот на војната во Украина, годишно биле регистрирани повеќе од 4 милиони преминувања на границата меѓу Естонија и Русија. Годинава нивниот број се намалил на околу 760.000.
Финска ја држи затворена копнената граница со Русија од декември 2023 година. Летонија, Литванија и Полска, исто така, значително го ограничија движењето преку своите источни граници.