ТУНЕЛОТ КАТЛАНОВО БЕЗ СТРУЈА ДО 15:20 ЧАСОТ Магла и влажни коловози на дел од патиштата
Прекинот на електричното напојување на тунелот ќе трае 6 часа. Намалена видливост поради магла има на патот Куманово – Страцин.
Тунелот Катланово денеска од 9:20 до 15:20 часот ќе остане без електрично напојување поради зафат на електродистрибутивната мрежа.
На 10-киловолтниот далекувод кон тунелот, од страната на селото Бадар, ќе се врши замена на дрвен столб со бетонски.
Планираниот прекин се однесува само на тунелот Катланово, додека околните населени места ќе имаат редовно снабдување со електрична енергија.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Видливоста поради магла е намалена до 100 метри на патниот правец Куманово – Страцин, информира Јавното претпријатие „Македонијапат“.
На одделни патни правци низ усеци и клисури можна е појава на поситни одрони.
Од претпријатието апелираат на внимателно управување со возилата, на почитување на сообраќајната сигнализација и на приспособување на брзината кон условите на патот.