🎥 ПРЕТЕПАНИ НАВИВАЧИ НА ЛЕВСКИ ВО МАРСЕЈ Најмалку 11 Бугари повредени, 6 хоспитализирани

Нападите предизвикаа силна реакција во Бугарија. Претседателката Илијана Јотова и лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов, побараа објаснувања од француските власти и правни последици за напаѓачите.

0

Најмалку 11 бугарски државјани се повредени, од кои петмина се однесени во болница, по сериозните тепачки меѓу навивачите на Олимпик Марсеј и Левски Софија пред натпреварот од петтото коло од главната фаза на Лигата на Европа, кој се одигра вчера, 26 ноември, на стадионот „Велодром“, објавија бугарски и француски медиуми.

Насилството почнало уште пред почетокот на натпреварот, известуваат француските спортски портали. Неколку десетици навивачи на Марсеј, од јужната трибина на стадионот, навлегле во секторот „Жан Буен“, каде што биле сместени oколу 500 навивачи на Левски. Следело бркање, туркање на толпата, фрлање разни предмети и пиротехника. На трибините биле разменети удари со раце и со нозе, а во судирите биле користени и противпожарни апарати. Полицијата употребила солзавец за да воспостави ред, а бугарските навивачи биле преместени под засилена полициска придружба.






Според официјалните информации, пет бугарски државјани се префрлени во болница со повреди на окото и на черепот, а има и исчашувања на рамо. Уште шестмина добиле медицинска помош на лице место поради разни повреди. Сите 11 пријавени жртви се Бугари

Раководството на францускиот клуб издаде официјално соопштение во кое го осуди инцидентот и оцени дека брзата интервенција на безбедносните служби на клубот овозможила воспоставување мир без да влијае на натпреварот. Клубот, исто така, соопшти дека соработува со надлежните органи за да ги утврди точните околности околу инцидентите.

Нападите предизвикаа силна реакција во Бугарија. Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, побара бугарската влада веднаш да побара објаснувања од француските власти. Тој ја повика УЕФА да изрече најстроги казни за Олимпик Марсеј.

Реагираше и бугарската претседателка Илијана Јотова, која ги нарече инцидентите „неприфатливи“ и ги повика француските власти да ги утврдат околностите и да побараат правна одговорност од сторителите.

Бугарскиот фудбалски сојуз, исто така, ја извести УЕФА за агресијата покажана кон навивачите на Левски.

Поради инцидентите, фудбалскиот резултат остана во втор план. Олимпик Марсеј го победи Левски со 1:0 cо гол од пенал на Амин Гири.

Поврзани содржини