📷 БАЛКАНСКИТЕ ЛИДЕРИ НА НЕФОРМАЛНА ВЕЧЕРА КАЈ СИЉАНОВСКА ДАВКОВА Утре ќе разговараат за европската перспектива на регионот

Претседателката ги пречека претставниците на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони, а утре во Охрид ќе се одржи пленарниот состанок со фокус на регионалната соработка, стабилноста и европската интеграција.

0

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова вечерва во Охрид ги пречека лидерите и претставниците на државите учеснички во Процесот Брдо-Бриони, на неформална вечера организирана во пресрет на утрешниот состанок.

Во фокусот на разговорите се регионалната соработка, добрососедските односи, стабилноста и европската перспектива на Западен Балкан.






За средбата на социјалните мрежи информираше и премиерот Христијан Мицкоски, кој порача дека дијалогот и меѓусебната доверба се клучни за иднината на регионот.

„Дијалогот, меѓусебната доверба и заедничката посветеност се клучни за изградба на стабилен, просперитетен и европски регион“, напиша Мицкоски.

Домаќинка на утрешниот состанок е претседателката Сиљановска Давкова, а коорганизатори се претседателката на Словенија, Наташа Пирц-Мусар, и претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ.

На средбата во Охрид учествуваат и претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, претседавачката на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ, како и членовите на Претседателството Денис Беќировиќ и Даријана Филиповиќ.

Меѓу учесниците се и претседателката на Косово, Јустина Широка-Пула, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, и претседателот на Народното собрание на Србија и вршител на должноста претседател на државата, Александар Чупиќ.

Утре се предвидени официјален пречек на лидерите, заедничко фотографирање и пленарен состанок, по што ќе следуваат билатерални средби. Самитот ќе заврши со заедничка прес-конференција на Сиљановска Давкова, Пирц-Мусар и Милановиќ.

Процесот Брдо-Бриони е регионална иницијатива воспоставена во 2013 година од Словенија и Хрватска, со цел да се забрза европската интеграција на земјите од Западен Балкан, да се зајакнат регионалната соработка и стабилноста и да се помогне во решавањето на отворените прашања.

Поврзани содржини