НЕДЕЛА ОСТАНУВА НЕРАБОТЕН ДЕН ЗА СИТЕ ГРАЃАНИ Дурмиши тврди дека нема да се укине ова право
Министерот за економија и труд вели дека евентуалните барања од Стопанската комора ќе се разгледуваат во Економско-социјалниот совет. За потрошувачката кошница, смета дека треба да се споредуваат две просечни плати, а не две минимални.
Недела останува неработен ден за сите граѓани. Владата е против укинување на ова право и тоа го кажала неколкупати, изјави денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Одговарајќи на пратеничко прашање од Борче Цветков од СДСМ, Дурмиши нагласи дека Владата е против укинување на статусот на недела како неработен ден. Сепак, евентуалните иницијативи што би пристигнале од бизнис-заедницата ќе бидат разгледани во рамките на Економско-социјалниот совет.
– Кога и да се отвори оваа тема, ќе се дискутира. Но, ние сме против недела да не биде неработен ден и тоа сме го кажале неколкупати. Значи, недела останува неработен ден за сите граѓани. Ако такво барање пристигне од Стопанската комора, секако дека ќе биде отворено во Економско-социјалниот совет и ќе се расправа. Таму има 12 членови и секој ќе го искаже својот став. Нашиот став како Министерство е дека недела останува неработен ден, освен во одредени сектори каде што има потреба од работа во недела. Но, основниот принцип е дека недела е неработен ден за сите граѓани – изјави Дурмиши.
Тој нагласи и дека во изминатите две и пол години Владата не укинала ниту едно стекнато работничко право, туку работела на негово унапредување преку подобрување на условите за работа и зголемување на платите во повеќе сектори.
– Ниту едно право што го стекнале вработените не е укинато. Правата што се постигнати во нашата земја, без разлика дали станува збор за јавниот или приватниот сектор, сме ги почитувале и сме се залагале тие да се почитуваат уште повеќе, условите да се подобруваат, а платите да се зголемуваат – изјави Дурмиши.
Министерот додаде дека исклучоци за работа во недела може да има само во одредени дејности, каде што тоа е неопходно поради природата на работниот процес или зголемените потреби. Сепак, како што повтори, основниот принцип останува непроменет – недела е неработен ден.
Одговарајќи на прашањето дали две минимални плати се доволни за едно четиричлено семејство, Дурмиши рече дека не е соодветно минималната плата да се споредува со просечната потрошувачка кошница. Според него, порелевантен показател за таква споредба се просечните плати.
Тој објасни дека потрошувачката кошница е пресметана врз основа на просечни потреби, па затоа, според неговото толкување, треба да се споредува со две просечни, а не со две минимални плати.
– Не може да размислуваме дали две минимални плати се доволни за една просечна потрошувачка кошница, бидејќи таа е просечна. Треба да ги земаме предвид двете просечни плати и да видиме дали тие можат да ја покријат просечната потрошувачка кошница – изјави Дурмиши.