МАКЕДОНИЈА ПРВА ГО ЗАВРШИ ТЕХНИЧКИОТ ДИЈАЛОГ ЗА РОАМИНГОТ Мицкоски најави и нови пари од ЕУ
Премиерот на собраниската седница за пратенички прашања соопшти дека Македонија ќе го добие додатокот од 10 проценти преку Планот за раст, а најави и напредок во подготовките за укинување на роаминг-трошоците со ЕУ.
Остануваме посветени на нашата задача за испорачување на сите потребни реформи и сето она коешто се бара од нас за пристап во Европската Унија, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Одговарајќи на прашање за конкретни информации од Самитот ЕУ – Западен Балкан, што вчера се одржа во Брисел, на Собраниската седница за пратенички прашања од Велика Стојкова-Серафимовска од ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на Владата подвлече дека како резултат на таа посветеност, од претседателката на ЕК Фон дер Лајен дошла добра вест дека државата ќе го добие додатокот од 10 проценти, односно 75 милиони евра.
– Во делот на нашата ЕУ интеграција, ние остануваме посветени на она коешто е наша задача, а тоа е испорачување на сите потребни реформи и сето она кое се бара од нас. Како резултат на таа посветеност, вчера дојде добра вест од претседателката Фон дер Лајен, дека ќе го добиеме тој додаток, заедно со Црна Гора и Албанија, а ќе го изгубат Косово, БиХ и Србија и тој додаток ќе биде можност не само за ликвидност за поддршка на буџетот, туку и за реализација на одредени проекти. Добра вест е дека еден од тие проекти кој го пријавивме, е конечно јаловиштето во Пробиштип да биде санирано. Тоа ќе влезе во тие проекти, и тоа многу ќе значи за граѓаните на Пробиштип и тој дел од истокот на Македонија – истакна Мицкоски.
Втората добра вест од Брисел, според Мицкоски е дека први го завршивме техничкиот дијалог во делот на „Roam Like at Home“, со што нема да се наплаќа роаминг услуга со земјите од Европската унија.
– Први го завршивме техничкиот дијалог. Тука треба да му честитаме и на министерот за дигитална трансформација во делот на „Roam Like at Home“. Тоа значи дека кога ќе разговарате со број од Европска Унија нема да се наплаќа роаминг услуга, односно ќе се наплаќа како да разговараме тука, во внатрешен сообраќај. Значи ние стануваме дел од внатрешниот сообраќај на Европската Унија. Некој со ова се потсмева, но тој има голема порака и политичко значење. Значи вас веќе ве сметаат како дел од Европа и станувате дел од тој заокружен пазар – рече Мицкоски.
Со роамингот, подвлече премиерот, многу ќе им биде олесната комуникацијата на нашите граѓани со нивните блиски во рамките на Европската Унија.
Претседателот на Владата информираше дека со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија работат на иницијатива да влеземе во групата каде што производите во Македонија ќе го имаат насловот „Made in Europe“.
– И тоа многу ќе значи. Ќе значи многу особено во делот на царинската и тарифната политика. Работиме, не знам до каде ќе стигнеме – вели премиерот.
Во врска со земјите од Западен Балкан и вчерашниот состанок во Брисел, Мицкоски истакна дека во моментов, бидејќи сите други земји имаат проблеми Македонија е еден вид фактор на стабилност, што и самите соговорници на тој состанок го потенцирале.
– Ќе го цитирам еден од говорниците, вчера на масата, „погледајте ги Македонците, први почнаа, први добија статус на кандидат, први ја усогласија надворешната и одбранбена политика, први влегоа во СЕПА, први го затворија сега „Roam Like at Home“, се прават први. Први се по извештаите од реформската агенда, но ете имаат еден проблем и тоа е што е – истакна Мицкоски.
Тој кажа дека секогаш кога се говори за систем на заслуги за напредување во процесот на преговори, а од друга страна имаме еден проблем, му делува како да има фрикција, односно едното со другото не се паралелни.
– Уште повеќе ме загрижува што дури, а тоа нема да се случи, дури и утре да го смениме Уставот, ние повторно немаме никаква гаранција дека тоа е последно. Зошто? Затоа што следен проблем е Акцискиот план за малцинства. Вие не можете (кластерот) „Онови“ да го отворите ако не го поминете овој Акциски план за малцинства. Затоа ние малку ја сменивме стратегијата и рековме – добро ајде ако е ова толку небитен документ и 26 земји немаат проблем, ајде ова прво да го решиме. Но, и тоа не оди така лесно. Се надевам дека таа една земја членка конечно ќе се вразуми и ќе стане свесна за реалноста, но исто така имам чувство дека полека и другите земји членки го губат трпението со таа земја членка – рече Мицкоски.
Во однос на глобалните проблеми со кои се соочува Унијата тој посочи дека во 2027 година ќе влеземе со предизвици во светот, како што се инфлацијата и енергетската криза.
– Мислам дека во светот има одреден фронт на поларизација и имам чувство како никој да не сака да направи суштински компромис. Тоа е моето чувство, не велам дека сум во право и од тие причини ценам дека во 2027 година, ако нешто се случува би се случувало евентуално во втората половина од годината. Но оваа зима ќе биде исклучително предизвикувачка за Европа, пред сѐ, имајќи ја предвид состојбата во која што се наоѓа и руската агресија во Украина, но не помалку важна е и војната во Иран. Иако, таму се прават обиди за одредени алтернативни решенија, но тоа мислам дека во овој момент не успева – додаде Мицкоски.