📽️ ЗАЕВ СЕ ПОЈАВИ, НАВИСТИНА СЕ ПОЈАВИ Да се знае кој е газда во СДСМ

Зоран Заев се појави во јавноста заедно со Венко Филипче и со раководството на СДСМ на свечениот прием организиран од албанската амбасада.

1

Поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев се појави во јавноста во друштво на актуелниот претседател на партијата Венко Филипче и на членови на партиското раководство, на приемот по повод Денот на знамето и независноста на Албанија.

На свеченоста, која се одржа синоќа во скопскиот хотел „Хилтон“, Заев беше на иста маса со Филипче и со пратеници на СДСМ. Меѓу присутните беа и поранешниот премиер Оливер Спасовски и поранешниот вицепремиер Фатмир Битиќи.






Фотографии од приемот на социјалните мрежи објави Спасовски, а присуството на Заев го регистрираа и камерите на албанските медиуми. На соседната маса, пак, беа претставници на владејачката коалиција Вреди, меѓу кои Изет Меџити и Беким Сали.

Појавувањето на Заев предизвика интерес кај медиумите, со оглед на тоа што експремиерот во последните години ретко присуствува на јавни политички настани.

Сепак, политички поинтересен од самото појавување на Заев е фактот што поранешниот лидер на социјалдемократите се појави во друштво на речиси целиот политички врв на СДСМ. Заев одамна нема формална функција во партијата, но прашањето за неговото влијание врз актуелното раководство и натаму е актуелно.

Филипче, кој беше министер за здравство во владата на Заев, во 2024 година ја презеде лидерската позиција во СДСМ по тешкиот пораз на партијата на парламентарните и на претседателските избори. Неговите политички и лични врски со поранешниот премиер се добро познати.

Засега нема официјални најави за враќање на Заев во активната политика. Но, треба ли да има? Зарем има некој дилема кој е вистинскиот газда на СДСМ?!

Поврзани содржини