КРИВИЧНИ ЗА ДИРЕКТОРОТ НА ИНСПЕКТОРАТОТ ЗА ШУМАРСТВО И ЛОВСТВО И ЗА УШТЕ ДВАЈЦА Со мерките против африканската чума прикривале незаконски лов

Ловечкото друштво „Беласица“ издавало дозволи за ловиште за кое немало концесија. Двајца од пријавените се раководни лица во Државниот инспекторат.

2

Директорот на Државниот инспекторат за шумарство и ловство, главен инспектор во истата институција и вработен во струмичкото ловечко друштво „Беласица“ добија кривични пријави поради сомневање за неправилности при издавањето дозволи за лов. Според полицијата, тие се обиделе да оправдаат незаконски отстрел на дива свиња со мерките за заштита од африканската чума.

Според Министерството за внатрешни работи, првопријавениот, вработен во ловечкото друштво, внесувал неточни и нецелосни податоци во службените книги. Станува збор за евиденцијата на издадените дозволи за лов и на потврдите за потекло на дивечот.






Главниот инспектор во Секторот за инспекциски надзор во ловството и директорот на Инспекторатот, на барање на ловечкото друштво, издале акт спротивен на законските прописи.

„Констатирале дека ловечкото друштво ‘Беласица’ можело да издава дневни дозволи за дива свиња во ловиштето ‘Тркајна’ за вршење на таканаречен санитарен отстрел на диви свињи, иако тие воопшто немале концесија за тоа ловиште“, соопшти МВР.

Со актот, според полицијата, пријавените се обиделе да го оправдаат претходно извршениот незаконски лов од членовите на друштвото.

„Под изговор дека вршат пребарување на теренот за пронаоѓање на угинати диви свињи и дека наводно спроведуваат заштитни и контролни мерки во однос на болеста африканска чума кај дивите свињи, извршиле незаконски отстрел на дива свиња во ловиштето“, наведува МВР.

Пријавените службени лица при контролите не ги евидентирале недостатоците во службените книги на друштвото.

„Му овозможиле на првопријавениот несанкционирано да продолжи да работи и да издава дневни дозволи за лов и потврди за потекло на дивечот, без да бидат соодветно евидентирани во книгите за нивна евиденција“, соопшти полицијата.

Секторот за внатрешни работи Струмица поднесе кривична пријава против Д.А. (49), З.В. (63) и Б.К. (49) за кривичните дела „фалсификување или уништување деловни книги“ и „несовесно работење во службата“.

Поврзани содржини