БОГАТСТВОТО НА ПОКОЈНАТА АКТЕРКА ПРОЦЕНЕТО НА ПОВЕЌЕ ОД 6 МИЛИОНИ ДОЛАРИ Ќерката на Хајден Панетиер е нејзината единствена наследничка

11-годишната Каја ќе го наследи целиот имот на актерката, проценет на 6,2 милиони долари, откако таа почина без да остави тестамент. Нејзиниот татко, поранешниот боксер Владимир Кличко, побарал судот да назначи финансиски советник кој ќе управува со наследството и ќе го заштити богатството на неговата ќерка.

0

Ќерката на покојната актерка Хајден Панетиер, 11-годишната Каја, е единствената наследничка на нејзиното богатство, проценето на 6.232.119 долари. Новите судски документи откриваат дека актерката, која почина на 36-годишна возраст, не оставила тестамент, па целиот нејзин имот ќе ѝ припадне на нејзината единствена ќерка, која ја доби со поранешниот вереник Владимир Кличко.

Според документите до кои дошол порталот TMZ, личниот имот на актерката е проценет на 5.208.519 долари, додека недвижностите вредат 1.023.600 долари. Бидејќи Каја е малолетна, неопходно е да се воспостави правна рамка за управување со наследството и заштита на нејзините финансиски интереси додека не стане полнолетна.






Кличко, кој има 50 години, веќе во октомври добил привремено старателство над имотот на својата ќерка. Во најновото барање до судот во Лос Анџелес, поднесено на 18 ноември, тој предложил за администратор на наследството да биде назначена финансиската и даночна советничка Мелиса Москал Бенчивенга. Таа би требало да се грижи за зачувување на имотот, подмирување на финансиските обврски и распределба на средствата согласно судската постапка.

Поранешниот светски шампион во бокс презел и конкретни чекори за да го заштити наследството. Во октомври платил околу 30.000 долари даночни обврски што ги имала актерката, за да спречи натрупување дополнителни камати и казни. Побарал подоцна парите да му бидат надоместени од наследството.

Кличко во судските документи изразил загриженост и поради исчезнувањето на дел од личните предмети и накитот на Хајден. Тврди дека лице кое не е член на семејството, а претходно било поврзано со актерката, можеби продало дел од нејзините вредни предмети. Поради тоа побарал судот да му овозможи да соработува со полицијата за да се утврди каде се наоѓаат предметите и дали можат да бидат вратени.

Хајден и Владимир ја добија ќерката Каја во декември 2014 година, а нивната свршувачка ја прекинаа во 2018 година. Оттогаш девојчето живееше со татко ѝ, кој имаше целосно старателство над неа. Актерката подоцна отворено зборуваше за тешкиот период низ кој минувала по породувањето, постпородилната депресија и борбата со зависностите, поради кои донела болна одлука да му го препушти старателството на Кличко.

Панетиер почина на 16 август годинава, на 36-годишна возраст, во Гринвил, Јужна Каролина. Нејзината смрт беше прогласена за несреќен случај, предизвикан од токсичните ефекти на повеќе супстанции, меѓу кои и фентанил. Нејзиното богатство сега ќе биде предмет на оставинска постапка, а најголемата задача на нејзиниот поранешен партнер е да се погрижи единствената наследничка да го добие и зачува она што ѝ го оставила мајка ѝ.

Поврзани содржини