📽️ ПАКИСТАНСКОТО ЗНАМЕ СТИГНА ВО ОРБИТАТА СО ПОМОШ НА КИНА „Ги носам надежите на мојот народ“
Подготовките на Али за мисијата траеле 7 месеци и вклучувале и интензивно изучување на кинескиот јазик. Тој учел кинески песни, читал поезија, вежбал калиграфија и играл пинг-понг.
Пакистан испиша нова страница во својата историја, откако Кина утрово го лансираше вселенското летало „Шенџоу 24“ со првиот пакистански астронаут Мухамед Зишан Али. Леталото успешно се спои со кинеската вселенска станица „Тјангонг“, 3 часа и 38 минути по лансирањето.
– Сакам да ве уверам дека не летам за себе. На своите рамена го носам името на Пакистан и надежите на 250 милиони Пакистанци – изјави Али пред лансирањето мислејќи на малото знаменце на неговиот скафандер.
Али е првиот Пакистанец што стигнал во орбитата на Земјата. Воедно, тој е и првиот странски астронаут што стапнал на кинеската вселенска станица, објави пакистанскиот весник „Дон“.
Леталото беше лансирано од вселенскиот центар Џиучуен, во северозападниот дел на Кина, со ракетата „Долг марш 2Ф“. Во екипажот се и кинеските астронаути Танг Хонгбо и Ву Ји.
Пакистанскиот пилот ќе престојува на вселенската станица од 5 до 10 дена. Меѓу неговите научни задачи е и истражувањето на материјали за вселенски летала што имаат способност самостојно да ги санираат оштетувањата.
Подготовките на Али за мисијата вклучувале и интензивно изучување на кинескиот јазик. Тој учел кинески песни, читал поезија, вежбал калиграфија и играл пинг-понг.
Кина настојува да ја претвори својата вселенска станица во центар за меѓународна научна соработка. Меѓународната вселенска станица, предводена од НАСА, би можела да престане со работа околу 2030 година.
Кинеската вселенска програма предвидува и испраќање астронаути на Месечината до крајот на оваа деценија.