ПУТИН НАЈАВИ ОДГОВОР, НО НЕ ОТКРИ КАКОВ Русија ќе се одмазди по нападите на рафинериите
Рускиот претседател не откри каков ќе биде одговорот на Москва ниту кога ќе следува, но побара подобро обезбедување на рафинериите и ги обвини украинските сили за интензивирање на нападите.
Рускиот претседател Владимир Путин најави дека Москва неизбежно ќе одговори на украинските напади врз руските рафинерии, но не откри какви мерки ќе преземе ниту кога би можел да следува одговорот.
– Одговорот од наша страна е неизбежен. Тоа сите треба да го знаат – порача Путин на состанок посветен на состојбите во енергетскиот сектор.
Тој побара подобро обезбедување на руските рафинерии, кои, според неговите тврдења, продолжуваат да бидат цел на украински напади.
Путин оцени дека Киев ги интензивирал нападите врз руските нафтени капацитети, иако, како што рече, американскиот претседател Доналд Трамп директно побарал тие да престанат.
Рускиот претседател тврди дека засилените украински напади започнале на почетокот на јуни, но оцени дека тие не можат да ѝ нанесат критична штета на Русија.
Иако најави неизбежен одговор, Путин не даде детали дали станува збор за воени, политички или други мерки, ниту посочи конкретен рок во кој Москва би можела да возврати.