УАПСЕН ЕДЕН ОД НАПАЃАЧИТЕ НА ЕКИПАТА НА ИТНА МЕДИЦИНСКА ПОМОШ ВО АЕРОДРОМ Му се заканува затворска казна до 5 години
Татко и син нападнале лекар и медицинска сестра од итната медицинска помош, зашто не прифатиле да извршат транспорт на пациент до Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Еден од двајцата осомничени за физички напад врз лекар и медицинска сестра пред здравствена установа „Јане Сандандски“ во скопската општина Аеродром е приведен.
Според информациите од МВР, на 21 ноември, во 19:15 часот, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Ј. К. (41) од Скопје.
Претходно, околу 17:30 часот, тој и неговиот 62-годишен татко, С. К., по претходно недоразбирање, физички нападнале лекар и медицинска сестра. Според неофицијални информации за настанот, таткото и синот дошле на клиниката со постар пациент, кој бил болен од карцином, и наводно, испил антифриз со цел да си го одземе животот.
Тие инсистирале пациентот итно да биде префрлен во Клиниката „Мајка Тереза“, но лекаро и сестрата процениле дека нема потреба за тоа, и дека можат сами да го однесат со автомобил. Притоа дошло до расправија, по што таткото и синовт физички ги нападнале лекарот и медицинската сестра, и им нанеле телесни повреди, поради што тие се хоспитализирани.
Случајот предизвика реакција од Лекарската комора, која најостро го осуди насилството врз здравствените работници додека ги извршуваат своите професионални задачи. Комората потсетува дека напад врз здравствен работник при вршење професионалната дејност се третира како кривично дело, за кое е предвидена затворска казна до пет години.
Од МВР информираат дека по целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок за сторителите.