📽️ СРПСКА ПЕСНА ЗА КОСОВО ПРЕДИЗВИКА СКАНДАЛ ВО БРИСЕЛ Приштина бесна, Марта Кос изрази жалење 

Приштина побара објаснување од Брисел, додека европската комесарка Марта Кос порача дека изборот на композицијата не ги одразува ставовите на Европската комисија.

66

Српската песна „Ој Косово, Косово“ предизвика дипломатски реакции откако беше отсвирена на отворањето на Форумот за проширување на Европската Унија во Брисел. Европската комесарка за проширување Марта Кос изрази жалење за изборот на композицијата, додека претставниците на Приштина побараа објаснување од Европската комисија.

Песната, создадена во 1989 година, била изведена инструментално, без текст, на концертот „Мелодии на единство: Хармонии од европскиот крстопат“. На големиот екран зад музичарите стоел натписот „Sa Kosova zora sviće“, со ознаката „Kosovo“.






Композицијата била избрана како музичко претставување на Косово, што предизвикало негодување кај косовските претставници. Песната ја отсвирил словенечкиот музички состав „Капобанда“ (Kapobanda).

Меѓу музичарите на Форумот имало претставници од Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово.

Марта Кос, која е домаќин на настанот, изрази жалење за изборот на композицијата и нагласи дека таа на никаков начин не ги одразува ставовите на Европската комисија.

Во разговор со новинарите во Брисел, комесарката истакна дека Комисијата е свесна за жртвите и страдањата на народите од поранешна Југославија.

Според неа, помирувањето не значи заборавање на минатото и меѓусебните разлики, туку создавање Европа во која тие нема да бидат пречка за заедничка иднина.

Приштина бесна, бара да се открие кој ја избрал песната

Амбасадорот на Косово во Белгија, Агрон Бајрами, остро реагираше на изведувањето, оценувајќи дека композицијата промовира територијални претензии кон Косово.

„Ова не е културна размена. Песната изнесува експлицитни политички претензии кон територијата на Република Косово“, напиша Бајрами на социјалната мрежа „Икс“.

Тој нагласи дека ваква композиција не треба да биде дел од настан посветен на европското единство и добрососедските односи.

„Република Косово очекува итно разјаснување од Европската комисија и комесарката Кос за тоа како е избран и одобрен овој репертоар“, порача амбасадорот.

Реагираше и Јетон Зулфај, претставник на Приштина во преговарачкиот процес, кој го нарече изведувањето „неприфатливо и скандалозно“.

 

Известувачот на Европскиот парламент за Косово, Рихо Терас, оцени дека изборот на песната претставува намерна провокација или последица на целосно незнаење.

Тој го опиша настапот како „крајно неодговорен и невкусен пропуст“ и побара објаснување од Европската комисија и Марта Кос.

Остри реакции се појавија и на социјалните мрежи во Албанија, каде што дел од корисниците ја осудија композицијата и го споделија видеото од настапот.

Песна од 1989 година, на сцената и музичари од Македонија

„Ој Косово, Косово“, позната и по почетните стихови „Са Косова зора свиќе“, е создадена во 1989 година, по повод 600-годишнината од Косовската битка.

Песната се потпира на српската историска и православна традиција, во која Косово има посебно симболично значење.

Нејзиното создавање се совпаднало со владеењето на Слободан Милошевиќ, кој одбележувањето на годишнината од Косовската битка го искористил за зацврстување на својата политичка моќ.

Во истиот период била укината дотогашната автономија на Косово, што дополнително ги продлабочило политичките и меѓуетничките тензии во тогашна Југославија.

Форумот за проширување на Европската Унија е посветен на иднината на проширувањето, реформите, безбедноста и добрососедските односи.

На настанот учествуваат високи европски функционери, политички лидери од земјите-кандидатки и претставници на граѓанското општество, бизнисот и академската заедница.

Ова е втора година по ред на форумот да нема претставници на косовските институции.

Поврзани содржини