Безбедносно-разузнавачките служби и организираниот криминал
Денешните безбедносно разузнавачки служби во голема мера се само продолжение на старите матрици (со сменети имиња, но со истата логика на делување) што се потврдува низ многубројни афери: за постоење на институционалниот криминал, корупцијата од висок ранг, па дури и давање логистика на организираниот криминал, а некаде и преку преземање на шверцот на дрога, оружје и други стоки со кои раководеа криминалните групи.
Голема е веројатноста на хипотезата дека корените на денешниот транзициски капитализам во државите кои се создадоа по распадот на Југославија, е спрегата меѓу безбедносно-разузнавачките служби, приватниот капитал и организираниот криминал.
Почетокот на оваа генеза и наследство може да се лоцира во раните 50-ти години од минатиот век, поточно кога Тито го формираше надворешно трговскиот гигант ГЕНЕКС во 1952 година. По разидувањето со Сталин и создавањето на Информбирото, на тогашна Југославија ѝ требаше отворањето кон Запад и кон Неврзаните земји. ГЕНЕКС профунционира како „црна каса“ за опстојување на Комунистичката партија на власт и за обезбедување пари за надминување на гладот кој сериозно се закануваше на сите граѓни на тогашната држава во периодот 1949-51 година.
ГЕНЕКС не беше обична компанија. Со милијарди долари обрт годишно, преку трговија со стратешки добра (оружје, нафта, минерали, скапоцени метали) и мрежа од 52 претставништва ширум светот, тој функционираше како држава во држава. Раководните позиции во овие надворешно-трговски претставништва никогаш не се доделуваа случајно. Тие беа резервирани за доверливи луѓе на УДБА (а подоцна и на КОС, кој исто така си создаде свои паралелни канали и фирми). За да се управува со такви парични текови, се бараше кадар со идеолошка цврстина, но и директна врска со врвот на партијата и тајните служби. Дел од огромниот профит завршуваше во фондовите за специјални намени — за разузнавачки мрежи, купување влијанија, финансирање операции во странство и неутрализирање или следење на политичката емиграција (усташи, четници, информбировци, па подоцна и албански или други националистички движења). Добар дел од овие пари се трошеа за монархистичкиот животен стил на Тито. Тука спаѓаат разиденциите на Бриони, Караѓорѓево, специјалните вили во сите републики наменети за престој на Тито, Плавиот воз, бродот Галеб, и луксузната колекција на коли („бентли“, „ролс ројс“ и други). Огромни пари се потрошија за неговото антинуклеарно засолниште во Босна, градењето резервни воени командни центри и слично.
Парите се чуваа во офшор-зони (Кипар, Девствени Острови, Панама, Швајцарија, па дури и западни финансиски центри како Лондон или Виена). Западниот банкарски систем и меѓународните адвокатски фирми свесно ги затвораа очите пред потеклото на тие пари, бидејќи ликвидниот капитал е срцето на западните пазари.
Кога социјалистичкиот систем се распаѓаше, претставниците во надворешно трговските претставништва во странство, ги поседуваа клучевите од офшор-сметките, мрежите во странство и контактите со службите (УДБА/КОС). Тие располагаа не само со парите, туку имаа информации и знаење како да манипулираат со капиталот. Преку мрежа од офшор-компании, тие ги „исчистија“ државните пари и ги искористија за време на приватизацијата во 90-тите за да ги откупат најуспешните компании, банки, медиуми и други национални ресурси за мал паричен надомест и да изградат цркви, како најверни христијани (довчерашни заколнати комунисти).
Едновремено се донесе Закон за трансформација на општествениот и државниот капитал во Република Македонија со таканаречен менаџерски откуп. Тогашниот претседател на државата и членовите на првата политичка влада во Македонија се одлучија на овој модел, бидејќи т.н. економски субјекти од витално значење за државата, ќе бидат во рацете на проверените комунистички кадри, поставени за директори од страна на Претседателството на СКМ. Претпоставувам дека тоа беше направено за да се обезбеди економска одржливост на нивното владеење во „наредните 100 години“.
Новите политички елити (без разлика на идеолошките предзнаци) брзо сфатија дека за да се дојде на власт и да се опстои, потребни се пари, логистика и медиумска контрола. Олигарсите изникнати од преставништвата на ГЕНЕКС, но и од други слични сојузни и републички фирми (на пример во Македонија тоа беа Технометал-Вардар увоз-извоз и Макотекс со своите претставништва во странство) поранешните служби им ги обезбедија тие пари, а за возврат добија политички чадор, законски решенија кроени по нивна мера, наместени тендери и апсолутна заштита од кривичен прогон.
Денешните безбедносно разузнавачки служби во овие земји во голема мера се само продолжение на старите матрици (со сменети имиња, но со истата логика на делување) што се потврдува низ многубројни афери: за постоење на институционалниот криминал, корупцијата од висок ранг, па дури и давање логистика на организираниот криминал, а некаде и преку преземање на шверцот на дрога, оружје и други стоки со кои раководеа криминалните групи. (По падот на Милошевиќ во Народната банка на Србија беа најдени големи количини дрога и злато).
Зошто транзицијата во овие простори никогаш не заврши со видливи разултати? Затоа што не се смени архитектурата на моќта и капиталот, туку само нивните фасади. На пример, македонската СДБ го смени своето име во УБК, па во АНБ, без менување на културната матрица на вработените, односно останаа сите кои работеа во ДБК.
Врската помеѓу југословенските олигарси (произлезени од поранешните структури и транзицискиот хаос) и западниот неолиберален капитализам не е случајна ниту изолирана — таа претставува совршена симбиоза на интереси каде што домашниот нелегален капитал добива меѓународен легитимитет, а западниот финансиски систем добива профитабилна периферија. Оваа регионална-локална врска со Западниот неолиберален капитализам функционира преку неколку клучни механизми: офшор-зоните како глобална „перална“ на пари, слободниот тек на капитал, дерегулација и минимална државна интервенција, принципи кои совршено им одговараат на балканските олигарси.
Кога милијардите долари од поранешните „црни“ државни каси (како од ГЕНЕКС) или од сомнителни приватизации и криминални бизниси се изнесоа во странство, тие не отидоа под „балкански имиња“. Тие беа канализирани преку процесот на трансформација на сомнителни пари во „чисти“ инвестиции со помош на западните мултинационални компании, фондови и банки кои соработуваат со овие локални моќници, кои купуваат недвижности во Лондон, акции во западни компании, луксузни јахти, со што нивниот капитал добива западен пасош и заштита. За возврат, западниот капитал добива сигурни партнери за експлоатација на природните ресурси, телекомуникациите, енергетиката и банкарскиот сектор на Западен Балкан.
Во овој процес активно учествуваа институционални западни центри на моќ (преку ММФ, Светска банка и дипломатски притисоци) кои инсистираа на радикална приватизација, дерегулација и отворање на пазарите на поранешна Југославија. Западниот систем формално го промовираше слободниот пазар, но во пракса им дозволи на домашните олигарси да ги ограбат сопствените економии, сè додека тие парите ги држат во западни банки и ги почитуваат правилата на глобалниот пазар. Западните геополитички интереси на Западен Балкан честопати се водат од правилото: „Подобро стабилен автократ/олигарх кој ни ја гарантира геополитичката стабилност (или мир во регионот), отколку „демократски хаос.“ Сѐ додека балканските политички и олигархиски елити ги исполнуваат надворешно-политичките задачи на Западот (влез во НАТО со промена на името на државата и губење на идентитетот, миграциски договори, геополитичко усогласување), внатрешни криминали, корупцијата и заробените институции во тие држави премолчено се толерираат од страна на западните центри.
Инаку, врската меѓу балканските камуфлирани криминални организации/олигарси и западниот неолиберален капитализам е двонасочна: Западниот Балкан му служи на Западот како извор на евтини ресурси, депонија за отровен и штетен отпад за еко системот, геополитички полигон, додека Западот му служи на балканскиот естаблишмент како сигурен сеф, перална за пари и легитимитет. Во таа игра, обичните граѓани се жртви на една глобална матрица во која капиталот не познава национални граници, туку само интереси.
Меѓу другото, повод за овие размислувања е големата и величенствена победа на Студентската листа на парламентарните избори во Србија. Нивните пратеници и новата Влада уште првиот ден ќе бидат нападнати од криминалната држава, која има големи ресурси и знаење како да постапува за да преживее. Во медиумите во Србија претставници на студентите кажуваат дека треба да се направи ветинг во полицијата, да се укине БИА и да се ресетираат сите државни институции. Но, за тоа треба време и финансиски средства и најважно постоење на резервен состав на чесни и професионални службеници кои ќе ги заменат сегашните. Дали студентите располагаат со таков резервен состав ќе видиме и ако може да искористам спортски речник, дека Барселона и со резервниот состав може да го победи секој тим во Шпанската фудбалска лига, што е резултат на големите финансиски средства со кои располага тимот.