СКАНДАЛ ВО РЕСТОРАН, ЖЕНА ГО НАПАДНАЛА МАЖОТ СО КОГО БИЛА Персоналот пријавил во полиција, тој се откажал од пријава
Жена го нападнала мажот со кој била во ресторан, а вработените повикале полиција. Нападнатиот не сакал да поднесе пријава, откри Александар Јанев.
Вработени во ресторан синоќа повикале полиција откако жена физички го нападнала мажот со кој била во угостителскиот објект. Иако инцидентот бил пријавен од персоналот, нападнатиот маж подоцна не сакал да поднесе пријава во полиција.
Случајот го откри директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, на денешниот брифинг со новинарите, на кој заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски зборуваа за предлог-законските измени поднесени во Собранието. Со нив, како што беше посочено, треба да се зајакнат механизмите за постапување во случаи на семејно насилство.
Тошковски посочи дека кај мажите сè уште постои срам да пријават физички напад од жена, најчесто поради страв од стигматизација.
Според него, проблем претставуваат и постојните законски решенија, бидејќи во вакви случаи полицијата не може да постапи по службена должност доколку нападнатиот не сака да го пријави насилството.