СКОПЈЕ ЈА ПАМЕТИ ЦЕНАТА НА СВОЈАТА СЛОБОДА Наша должност е да бидеме достојни за жртвата на ослободителите
Градоначалникот на Скопје порача дека градот никогаш нема да ги заборави оние што ги положиле животите за неговата слобода. По повод 13 Ноември, тој се сретна со претставниците на Сојузот на борците и повика на зачувување на нивниот завет.
Скопје ја памети цената на својата слобода и никогаш нема да ги заборави оние што ја платиле со својот живот, порача градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, по повод 13 Ноември – Денот на ослободувањето на градот.
Ѓорѓиевски утрово ја одржал традиционалната средба со претставниците на Градскиот одбор на Сојузот на борците од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија.
„Им се заблагодарив за посветеноста со која го чуваат споменот на ослободителите и го пренесуваат нивниот завет на новите генерации“, наведе Ѓорѓиевски во објавата на Фејсбук.
Тој потсети дека Скопје било ослободено на 13 ноември 1944 година, по неколкудневни тешки борби со фашистичкиот окупатор.
Во ослободувањето учествувале борците од 42-та и 50-та народноослободителна дивизија и 16-та македонска бригада.
„Со огромна храброст и саможртва го отворија патот кон иднината на нашиот град. Нивниот подвиг живее во секое слободно утро на Скопје, во секоја генерација што расте со право да сонува, да создава и гордо да му припаѓа на својот град. Тие се изборија за слободата. Наша должност е да бидеме достојни за неа“, порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски нагласи дека градоначалничката функција ја извршува со длабока почит кон жртвата на ослободителите.
Тој истакна дека неговата определба е да гради град во кој достоинството, солидарноста и заедништвото ќе бидат дел од секојдневието.
„Град што ќе им го оставиме на идните генерации со гордост, свесни дека сме го дале најдоброто од себе. Нека ни биде вечен заветот на ослободителите! Да го чуваме Скопје, да го градиме и да го сакаме со дела! Вечна слава на хероите кои го донесоа 13 Ноември! Слава на борците за слободно Скопје!“, наведе Ѓорѓиевски.