ВИ и заштита на литературните преводи во Европа

Особено интересни во однос на оваа проблематика се и балканските земји, бидејќи имаат релативно мали книжевни пазари, мали издавачи и голема зависност од преведена литература. Токму затоа, преведувањето со вештачка интелигенција може да внесе мошне значајни последици, посебно кога се во прашање помалите јазици во Европа.

0

Машински превод на литературен текст со помош на технологијата на вештачка интелигенција (ВИ), и како тој влијае врз преведената фикција, се наметна како една од најдискутираните теми во книжевната индустрија во Европа. Повеќе национални писателски и преведувачки организации веќе неколку години активно работат на утврдување законски претпоставки за регулирање на оваа материја.

Шведскиот сојуз на писатели неодамна усвои дефиниција за литературен превод произведен со вештачка интелигенција, која претставува основа за континуирана работа за означување на такви преводи. Со дефиницијата, како прво, се прецизира следново. Ако првата верзија на преводот е направена целосно или делумно со генеративна вештачка интелигенција, издавачите мора да го назначат тоа на насловната страница на книгата, како и меѓу податоците за местото на печатење. И, како второ, лицето кое е ангажирано за јазична редакција на превод што е направен со генеративна вештачка интелигенција треба да се нарече редактор/лектор, а не преведувач.






По повод лансирањето на дефиницијата, од преведувачката секција при Шведскиот сојуз велат дека таа е навистина добредојдена со оглед на фактот дека добар дел од преводите направени со вештачка интелигенција што се објавени досега се на исклучително ниско ниво на квалитет и претставуваат, всушност, чисти аматерски преводи.

Според претседателката на шведската писателска организација, Ања Гату, целата е да се дефинира законска регулатива и да се подигне свеста на ниво дека би можело да биде кривично дело да се крие кога вештачката интелигенција стои зад некоја објавена книга. „Ако тврдите дека имате авторски права за нешто што е главно произведено од вештачка интелигенција, тогаш би можеле да бидете виновни за измама“, вели Гату.

Европски совет на здруженија на литературни преведувачи, CEATL, и нордиската преведувачка мрежа Norne ја имаат земено предвид дефиницијата во своите работни материјали, а неколку организации веќе официјално и ја усвоија, како, на пример, во Финска и Исланд. Норвешкиот културен совет наведува слична формулација во својата одлука да не купува или да обезбедува средства за литература произведена со вештачка интелигенција.

За разлика од означувањето на изданијата на преводна литература, британските и американските писателски организации започнаа да воведуваат систем за етикетирање на книги напишани од луѓе. Британското етикетирање е прво од ваков вид во Европа и е одраз на слична иницијатива од американскиот еснаф на автори, Authors Guild. Целта е да се разликуваат книгите напишани од луѓе од делата генерирани од вештачка интелигенција.

Здружението на литературни преведувачи на Франција оди и чекор подалеку од едноставно барање за етикетирање. Во својот стандарден договор, организацијата вклучи клаузула во која преведувачите и издавачите се обврзуваат да не користат алатки за машински превод базирани на вештачка интелигенција за да го изработат преводот. Организацијата, исто така, бара делата на преведувачите да не се користат за обука за вештачка интелигенција без изречна согласност.

Важна околност е што и регулативата за вештачка интелигенција на ЕУ, Законот за вештачка интелигенција, почна да добива практично значење. Член 50 почна да се применува од август годинава. Тој вклучува барања добавувачите на генеративни системи за вештачка интелигенција да обезбедат содржината генерирана од ВИ да може да се идентификува од машина. Но, треба да се нагласи дека сè уште не постои општо правило на ЕУ кое гарантира дека книжевниот превод базиран на вештачка интелигенција секогаш мора да се објави на начинот како што тоа се предлага, на пример, од страна на Шведскиот сојуз на писатели.

Особено интересни во однос на оваа проблематика се и балканските земји, бидејќи имаат релативно мали книжевни пазари, мали издавачи и голема зависност од преведена литература. Токму затоа, преведувањето со вештачка интелигенција може да внесе мошне значајни последици, посебно кога се во прашање помалите јазици во Европа. Во регионот Словенија и Романија покажуваат најјасни заложби со конкретни професионални етички позиции, како и Хрватска која презеде конкретни принципиелни иницијативи.

Во Македонија на најширок план на јавната сцена мошне малку се забележуваат напори за поттикнување на сериозна дискусија околу користењето на новата технологија во оваа област и за одбрана на преводот како независно литературно креативно дело. За тоа сведочат и бројни изданија на книжевни преводи со сомнителен квалитет, посебно од јазични подрачја за кои во Македонија е присутен недостиг од квалификувани преведувачи. Станува збор за преводи направени најчесто со употреба на алатките на ВИ, а потоа без никакви ознаки ги пополнуваат продажните рафтови на македонската издавачка продукција.

Особено важен аспект е и меѓународниот углед на книжевните дела од помали литературни јазици, вклучувајќи го и македонскиот. Доколку преводите со вештачка интелигенција почнат да се користат за поевтино пренесување на книжевни дела на други јазици, без јасна контрола на квалитетот и идентификување на одговорен човечки преведувач, тоа би можело да има последици на начинот како одделни помали национални литературатури се перцепираат на меѓународно ниво.

Во најширок контекст песимизмот и стравувањата, всушност,  се на линија на сфаќањата дека на долг рок човечката способност за пишување ќе се намали, едноставно затоа што како последица на интензивниот развој на дигиталната технологија луѓето сè помалку пишуваат. Или, кажано поинаку, способноста за пишување постепено ќе се намалува.

Прашањето дали вештачката интелигенција може да ги замени писателите е комплексно и предмет на широка дебата, но повеќето експерти и писатели веруваат дека ВИ не може целосно да ги замени човечките писатели, човечкото авторство при пишување текстови.

Меѓу оние кои истапуваат со најоптимистични ставови и нудат охрабрувачки сознанија, појдовна точка е дека културата – а со тоа и литературата – е нешто што, сепак, го создаваат луѓето. Нешто што им се обраќа на другите луѓе. Вештачката интелигенција може да испорача текст, информации (што во најдобар случај можат да бидат точни и коректни), но она што излегува од машината е, пред сѐ, механичко и бездушно. Вештачката интелигенција може, исто така, да прави директни преводи збор по збор, но никогаш не може да го пренесе она што преведувачот го гледа во текстот на авторот, напишано меѓу редовите. Значи, контекстуалното толкување на оригиналното дело и она што авторот сака да го каже вон директното значење на зборовите.

Машините може да биде алатка и помагало што луѓето можат да ги користат, но не можат целосно да ја заменат улогата на луѓето во создавањето литература. Оттаму се и тврдењата дека вештачката интелигенција нема да може да ги замени ниту авторите, ниту, пак, литературните преведувачи.

Заклучокот што многумина настојуваат да го понудат е дека секој што професионално работи со литература добро знае и е свесен дека не можете да работите со вештачка интелигенција, а сепак да тврдите дека работите во служба на самата литература. Ако се продолжи со потценување на важноста на солидните преводи, на крајот не ќе може да се избегне измамата дека сте се довеле во ситуација како да слушате одлична музика, но преку мошне лоши и чкрипави звучници. А со тоа литературата ќе ја изгуби својата душа.

Поврзани содржини