ЌЕ БИДЕ ИЗБРИШАН ОД ИСТОРИЈАТА НА ШОУТО ВО КОЕ ПОМИНА 10 ГОДИНИ Продуцентите на „Британија има талент“ го отстрануваат од архивските снимки 

Сериозните обвинувања против британскиот комичар Дејвид Валијамс веќе имаат последици врз неговата кариера. Би-Би-Си почна да ги отстранува емисиите во кои се појавува, а неговото минато во популарното шоу за таленти повторно е во фокусот на јавноста.

2

Продуцентите на „Britain’s Got Talent“, според британските медиуми, планираат да го изостават Дејвид Валијамс од специјалното одбележување на 20-годишнината на шоуто. Тој беше член на жирито од 2012 до 2022 година, цели десет сезони, но неговото појавување во јубилејните архивски снимки наводно ќе биде отстрането.

Според извори на британскиот „Сан“, снимките од претходните сезони ќе бидат монтирани така што Валијамс да не се појавува во потсетувањето на најзначајните моменти од историјата на шоуто. Дел од архивските сцени во кои учествувал можеби целосно ќе бидат исфрлени.






Ова е најновиот удар за комичарот, откако телевизијата Би-Би-Си почна да отстранува емисии во кои се појавува или кои ги создал. Меѓу нив се комичните серии „Little Britain“ и „Come Fly With Me“, како и поединечни епизоди од „Doctor Who“, „The Wheel“ и „Would I Lie to You?“. Телевизијата соопшти дека ги разгледува сите содржини поврзани со него на своите платформи.

Причината за ваквите реакции се сериозните обвинувања објавени по тригодишна заедничка истрага на „Гардијан“ и „ИТВ њуз“. Повеќе жени го обвинија Валијамс за несоодветно сексуално однесување, а некои тврдат дека ги контактирал и се обидувал да воспостави близок однос со нив уште кога биле тинејџерки. Две од жените велат дека имале по 15 години кога го запознале. Една од нив својот наводен првичен контакт со него го опишала како сексуален напад. Валијамс ги отфрла обвинувањата.

Комичарот преку изјава за „Гардијан“ и „ИТВ њуз“ призна дека во минатото понекогаш се однесувал непромислено кон жени со кои имал необврзувачки сексуални односи и дека не секогаш доволно ги земал предвид нивните чувства. Сепак, категорично негира дека ја злоупотребувал својата слава и моќ, дека е сексуален предатор или дека го прекршил законот.

– Не сум сексуален предатор. Не сум го прекршил законот – порача тој, додавајќи дека е скршен од сознанието дека некои жени со кои се запознал пред 10 или 20 години сега изразуваат повреденост или лутина кон него.

Валијамс го напушти „Britain’s Got Talent“ во 2022 година, откако протекоа снимки од негови навредливи и сексуално експлицитни коментари за натпреварувачите, кои ги изговарал кога мислел дека не го слушаат. Тогаш јавно се извини, а подоцна постигна спогодба со продукциската куќа „Фримантл“ во спорот околу објавувањето на неговите приватни разговори.

Во меѓувреме, неговата долгогодишна агенција „Индипендент талент груп“ ја прекина соработката со него, а издавачката куќа „ХарперКолинс“ соопшти дека нема да објавува нови книги од него и дека повеќе нема да ги издава ни неговите постари наслови.

Поврзани содржини