ЧЕТВРТА ТУЖБА ПРОТИВ КАЈЛИ ЏЕНЕР ЗА САМО СЕДУМ МЕСЕЦИ Поранешна домашна помошничка изнесува шокантни обвиненија
Кајли Џенер се соочува со четврта тужба од поранешна вработена за само седум месеци. Поранешната домашна помошничка тврди дека била заклучена во гардеробер и била повредена на работното место.
Кајли Џенер се соочува со нова тужба од поранешна вработена, четврта во последните седум месеци. Овојпат поранешната куќна помошничка Динора Каролина Кабрија Амаја тврди дека била изложена на понижувачки третман, дека била заклучена повеќе од еден час во гардероберот на славната претприемачка, а на работното место била повредена откако т.н. бибер-спреј оставен во купатилото случајно ѝ прснал во очите и лицето, абила касната и од куче.
Тужбата била поднесена на 5 ноември пред судот во Лос Анџелес, а покрај Џенер, во неа се наведени и нејзини компании и членови на нејзиниот персонал. Амаја тврди дека почнала да работи за Џенер во март 2025 година, за хонорар од 40 долари на час, но дека редовно работела шест дена неделно, без соодветно платена прекувремена работа и без надомест за времето и трошоците за патување меѓу имотите на својата работодавачка.
Еден од најнеобичните инциденти во тужбата се однесува на гардероберот на Џенер. Амаја тврди дека нејзината претпоставена Лора Дули ѝ дала шифра за да влезе во просторијата, но вратата се заклучила и таа останала заробена повеќе од еден час. Кога во паника ѝ се јавила на претпоставената и барала помош, таа, според наводите во тужбата, ѝ се потсмевала. Наводно ѝ рекла дека во куќата нема никој што може да ја ослободи и дека мора да почека додека не дојде некој друг.
Поранешната вработена тврди и дека во септември 2025 година, кога додека чистела и средувала фиока во купатилото, од незаштитено шишенце со бибер-спреј случајно се испрскала во очите и лицето, имала заматен вид, печење, чешање и иритација. Следниот месец, според нејзините тврдења, ја каснало куче додека ја чистела куќичката на животното. Таа вели дека не добила соодветна помош по повредата и дека сама купила лекови.
Амаја тврди дека била отпуштена на 6 февруари 2026 година, кратко откако прашала зошто друга куќна помошничка добивала надомест за километража, а таа не. Во тужбата бара надомест за изгубената заработка, емоционалната вознемиреност и другите штети, а наведува и повеќе прекршувања на законите за работнички права, вклучувајќи неплатена прекувремена работа и недозволени паузи.
Ова е четврт ваков случај против Џенер и нејзиниот тим од април годинава. Претходно две поранешни куќни помошнички ја обвинија екипата за вознемирување, дискриминација и одмазда поради нивните поплаки. Во јуни, пак, поранешна приватна готвачка поднесе тужба за наводна дискриминација поради бременост и незаконско отпуштање. Жената тврди дека била принудена да работи напорни смени и покрај ризичната бременост, а дека по една таква работна обврска доживеала спонтан абортус.
Сите четири жени ги застапува истата адвокатка, Дела Шејкер. Адвокатот на Џенер, Мајкл Роудс, ги отфрли обвинувањата и изјави дека станува збор за тужби поднесени од истата адвокатка, која, според него, сака преку медиумско внимание да изнуди неоправдана исплата. Тој порача дека тужбите ги сметаат за неосновани и дека ќе се бранат на суд.