МАКЕДОНИЈА РАЗМИСЛУВА ЗА СИСТЕМИ „Е-GATES“ НА ГРАНИЦИТЕ Германија помага во модернизацијата на полицијата
Модернизацијата на граничните премини била една од темите на средбата меѓу полициските раководства на двете земји. Посебно внимание било посветено на техничкото опремување на македонската гранична полиција, специјализираните обуки и размената на искуства со германските колеги.
Можноста за воведување европски системи за гранична контрола и електронски гранични порти биле една од темите на работната посета на директорот на Бирото за јавна безбедност на Германската федерална полиција.
„Беа разгледани и можностите за воведување електронски гранични порти (E-gates), имплементација на системите на ЕУ за гранична контрола, како и унапредување на заедничките истражни тимови и оперативни работни групи“, соопшти Министерството за внатрешни работи за средбата на шефот на БЈБ Александар Јанев со Дитер Роман, шефот на ГФП.
Електронските гранични порти, познати како „E-gates“, се автоматизирани системи за проверка на патниците на граничните премини. Тие користат електронски патни документи и биометриска проверка, најчесто преку препознавање на лицето, за да го потврдат идентитетот на патникот.
Разговорите во Германија опфатиле и зајакнување на граничната полиција, борба против организираниот криминал и илегалната миграција, како и дополнителна германска поддршка за опремување и обука на полициските службеници.
Двете страни разговарале за навремена размена на информации и заедничко оперативно дејствување против тероризмот, криумчарењето мигранти, организираниот криминал и недозволената трговија со дрога.
„Посебно внимание беше посветено на зајакнувањето на капацитетите на македонската полиција, особено на граничната полиција, преку специјализирани обуки, размена на искуства и современи технички решенија“, соопшт МВР.
Јанев на средбата изразил благодарност за за досегашната поддршка од германската Влада, во форма на донации на возила, опрема и на технички средства.
„Во разговорите беше истакнато и значењето на вложувањето во човечките ресурси, знаењето и професионалниот интегритет на полициските службеници“.
Повторното отворање на Средното полициско училиште било посочено како стратешка инвестиција во иднината на македонската полиција.
На средбата била потврдена и определбата за продолжување на билатералната соработка во справувањето со прекуграничните безбедносни закани.