РФМ ЌЕ ПОДНЕСЕ ПРИГОВОР ДО ЕХФ ЗА ЗГРЕШЕНАТА КРАТЕНКА Правилниот код за Македонија е MKD
Ракометната федерација на Македонија најави официјален приговор до ЕХФ и до грчката ракометна федерација поради начинот на кој била означена нашата држава во телевизискиот пренос. Од РФМ очекуваат надлежните институции да реагираат и да спречат повторување на вакви случаи.
Ракометната федерација на Македонија (РФМ) ќе поднесе официјален приговор до Европската ракометна федерација (ЕХФ) и до Ракометната федерација на Грција поради употребата на несоодветна кратенка за Македонија за време на телевизискиот пренос од денешниот квалификациски натпревар меѓу двете репрезентации.
Федерацијата реагираше по натпреварот одигран во грчкиот град Халкида, во кој Македонија загуби со 29:24.
„Ракометната федерација на Македонија ќе поднесе официјален приговор до Европската ракометна федерација (ЕХФ) и до Ракометната федерација на Грција, во врска со употребата на несоодветната кратенка за нашата држава за време на телевизискиот пренос од денешниот натпревар меѓу Македонија и Грција“, се наведува во објавата на РФМ.
Од Федерацијата порачуваат дека ваквите пропусти се неприфатливи и бараат соодветна реакција.
„Ракометната федерација на Македонија смета дека ваквите пропусти се неприфатливи и очекува соодветна реакција од надлежните институции, како и преземање мерки за спречување на слични ситуации во иднина“, се наведува во соопштението.
Македонската ракометна репрезентација го претрпе првиот пораз во квалификациите за Европското првенство во 2028 година, откако Грција славеше со 29:24 во второто коло.