СДСМ СОЗДАВА ЛАЖЕН НАРАТИВ ЗА ЕСМ Платите не доцнат, туку 140 вработени побарале ажурирање на податоци

Од ЕСМ нагласуваат дека нивното работење „не треба во ниту еден случај да се поврзува со државниот буџет, затоа што средствата за плати компанијата самостојно ги обезбедува без субвенции, за разлика од периодот 2021-2024 година“.

0

Платите на вработените во АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) ќе бидат исплатени во законскиот рок, соопшти компанијата, објаснувајќи дека административните усогласувања се предизвикани од барањата на повеќе од 140 вработени за промена на нивните лични податоци.

Реакцијата следува по соопштението на СДСМ, во кое партијата обвини дека доцнат платите во повеќе државни институции, меѓу кои и во ЕСМ и дека вработените во компанијата добиле СМС-пораки со известување дека сè уште не се знае кога ќе биде исплатена октомвриската плата.






„Тековните административни усогласувања во компанискиот систем за исплата на личниот доход се должат на едновремените барања од над 140 вработени за ажурирање и промена на нивните лични податоци“, реагираат од ЕСМ.

Компанијата наведува дека дополнителното време било потребно за техничка обработка и проверка на податоците до 6 ноември, за да се обезбеди точна распределба на средствата.

Од ЕСМ нагласуваат дека нивното работење „не треба во ниту еден случај да се поврзува со државниот буџет, затоа што средствата за плати компанијата самостојно ги обезбедува без субвенции, за разлика од периодот 2021-2024 година“.

„Компанијата најостро ги осудува обидите на одредени политички партии за саботажа на енергетскиот сектор“, се наведува во реакцијата, во која ЕСМ обвинува за тенденциозно користење на административните усогласувања за создавање „лажен наратив“ и внесување немир меѓу вработените.

Од компанијата потсетуваат дека е почнат процес за зголемување на платите согласно неодамна потпишаниот колективен договор со репрезентативните синдикати.

„На почетокот на јули е исплатен регресот за годишен одмор за 2026 година во 100 проценти вредност“, наведуваат од ЕСМ.

Компанијата додава дека во последните две години вработените ја добивале декемвриската плата пред новогодишните празници.

Поврзани содржини