📽️ (ВОЗНЕМИРУВАЧКО) СИЛЕН ЗЕМЈОТРЕС ЈА РАЗБУДИ ЦЕНТРАЛНА ЈАПОНИЈА Снимки од скршени излози, тресење, родители кои ги штитат децата

На социјалните мрежи се појавија вознемирувачки снимки од домовите на граѓаните, меѓу кои и видео од семејство затекнато од потресот додека спиело.

0

Најмалку 24 лица се повредени во силниот земјотрес што ноќеска, околу еден часот по локално време, го погоди централниот дел на Јапонија.

Потресот ги разбудил жителите, предизвикал оштетувања на продавници и прекини во железничкиот сообраќај, додека на социјалните мрежи се појавија вознемирувачки видеа од моментите кога земјата почнала да се тресе.






Една од снимките, објавена на социјалната мрежа Икс, наводно потекнува од домашна безбедносна камера во куќа во градот Оказаки, во префектурата Аичи. Според описот на видеото, потресот го буди таткото, а потоа и децата, додека семејството се соочува со ненадејното тресење среде ноќ.

Во друга објава се наведува дека родителите веднаш се обиделе да ги заштитат своите деца.

Земјотресот се случил во 1:04 часот, на длабочина од околу 40 километри, со епицентар во префектурата Шизуока. Јапонската метеоролошка агенција ја проценила неговата магнитуда на 5,7 степени, додека Американскиот геолошки институт регистрирал 5,5 степени.

Најсилното тресење било почувствувано во соседната префектура Аичи, а потресот зафатил и пошироко подрачје, вклучувајќи ги Хамамацу, Кјото, Нара, Гифу и Јаманаши, каде што се наоѓа планината Фуџи.

Јапонските телевизии објавија снимки од искршени излози и стакло расфрлано по улиците. Во една книжарница голем број книги паднале од полиците, додека во градот Тојохаши биле искршени прозорците на салон за автомобили.

Меѓу повредените има и лица што паднале додека се обидувале да ги напуштат зградите.

Според „Џапан тајмс“, локалните јапонски медиуми објавиле дека најмалку 24 лица се повредени во погодените области. Меѓу нив е и жена во деветтата деценија од животот, која го повредила рамото откако паднала од креветот за време на потресот.

Земјотресот предизвикал и нарушувања во железничкиот сообраќај. Дел од локалните линии привремено биле запрени, а брзите возови „шинкансен“ се движеле со намалена брзина поради безбедносни проверки.

Метеоролошката агенција ги предупреди граѓаните да бидат подготвени за можни силни последователни потреси во наредните недели, а особено во следните два до три дена. Брзите возови „шинкансен“ се движеа со намалена брзина во погодените области од претпазливост, поради можна оштетеност на железничките пруги.

Јапонија е во област во која земјотресите се честа појава.

Поврзани содржини