НАПАЃАЧОТ ОД КРАКОВ ЦРТАЛ МАСАКР НА УЧИЛИШТЕ Михаил ѝ рекол на соученичка дека тоа му е сон
Дваесет и четиригодишниот Михал О., осомничен за убиството на шест лица во Краков, уште како ученик цртал вооружени напади и мртви тела. Неговите соученици забележувале необично однесување, но никој не верувал дека еден ден навистина би можел да изврши масакр.
Напаѓачот од Краков, 24-годишниот Михал О., кој вчера уби шест лица во центарот на полскиот град, уште во училишните денови цртал сцени на масовни убиства и зборувал дека сака да стане вооружен напаѓач.
Поранешна соученичка открила дека на неговите цртежи имало обесени луѓе, мртви тела и напади врз училишта, а желбата да изврши таков напад ја претставувал како свој сон.
Во интервју за полското радио ЕСКА, кое го пренесува хрватскиот „Индекс“, соученичката раскажала дека Михал бил тивок и повлечен, но за време на часовите често цртал насилни сцени.
– Се сеќавам дека еднаш седевме на час и тој црташе луѓе што висат или некој што влегува со пиштол. Го прашавме што е тоа и тој рече дека е напад врз училиштето, дека има мртви тела насекаде и дека влегува во училиштето со пиштол – раскажала таа.
На цртежите, според нејзиното сведоштво, се претставувал себеси како вооружениот напаѓач. Кога соучениците го прашале зошто црта такви сцени, им одговорил дека сака да стане напаѓач.
– Го кажа како да е негов сон – се присетила поранешната соученичка.
Учениците разговарале за неговите цртежи, но не ги сфаќале како вистинска закана.
– Разговаравме за тоа, но малку потсмевајќи се, поради тие негови цртежи. Никој навистина не очекуваше дека тоа всушност ќе се случи еден ден – рекла таа.
Поранешната соученичка го опишала Михал како затворен млад човек кој ретко разговарал со другите ученици. Исклучок биле часовите по историја, на кои почесто се вклучувал во разговорите.
Таа претпоставува дека го интересирале војската, војувањето и воената историја. Се присетила и на необичен настан за време на наставата на далечина, кога Михал се приклучил на видеочас носејќи стара гас-маска.
Не знаела многу за неговиот приватен живот и за односите во семејството. Нејзините тврдења за однесувањето на осомничениот во училишните денови засега не се независно потврдени.
Сосема поинаква слика за Михал претставиле неговите соседи од Островјец Свјетокшиски, градот во кој живеел со семејството.
– Беше шок. Пристоен млад човек, смирен. Не можеме да кажеме ништо лошо за него – изјавиле соседи за полските новинари.
Според соседите, семејството изгледало мирно, не слушале кавги и не забележале дека младиот човек покажува посебен интерес за оружје или воени униформи.
– Момче како и секое друго. Одеше со качулка, поздравуваше. Не можам да кажам ништо лошо за него – раскажал еден од нив.
Михал О. вчера, кратко по 15 часот, со автомобил влегол на главниот плоштад во Краков и почнал да пука во минувачите. Убил шест лица, четири жени и двајца мажи, а најмалку 15 лица биле повредени.
Додека бегал, пукал и кон полицајците, кои возвратиле на огнот и тешко го раниле. Напаѓачот е хоспитализиран.
Полицијата подоцна пронашла три тела во неговиот дом во Островјец Свјетокшиски. Полските медиуми, повикувајќи се на обвинителството, објавија дека станува збор за неговите родители и сестра, но околностите на нивната смрт сè уште се истражуваат.
Полскиот министер за внатрешни работи Марчин Кервињски изјави дека првичните наоди укажуваат на радикални ставови и можна фасцинација на осомничениот со крајнодесничарските идеологии. Мотивот за нападот сè уште не е утврден.
РАСТЕ ЦРНИОТ БИЛАНС ПО НАПАДОТ ВО КРАКОВ Се проверува дали напаѓачот ги убил родителите и сестрата