ДВАЈЦА ЗАГИНАТИ ВО ПРЕВРТЕН СРПСКИ АВТОБУС КАЈ ЗАГРЕБ Повредените лежеле покрај патот

Автобус со 33 патници и двајца возачи излетал од автопатот А3 и се превртел на тревната површина покрај коловозот. Неколку лица се повредени и ќе бидат пренесени во загрепските болници, а полицијата ги утврдува причините за несреќата.

0

Две лица загинаа, а неколкумина се повредени во тешка автобуска несреќа што се случи утрово на автопатот А3 во Хрватска, недалеку од Загреб. Автобус со српски регистарски таблички излетал од патот и се превртел на едната страна, а на местото на несреќата бил испратен и хеликоптер.

„Се чини дека има многу повредени. Лежат на тревата под ќебиња, а некои веќе се испратени во болници. Заштитната ограда во близина на лентата за запирање е скршена, автобусот се преврте на страна на тревата“, изјавил очевидец за хрватскиот медиум „24 сата“, пренесува „Индекс“.






Несреќата се случила околу 7:25 часот, на 61. километар од автопатот А3, веднаш по клучката Иваниќ-Град, во правец кон Загреб, објави „Индекс“, повикувајќи се на полициски информации.

Неколку повредени патници ќе добијат медицинска помош во болниците во Загреб.

Според „24 сата“, во автобусот се наоѓале 33 патници и двајца возачи.

Од силината на ударот била оштетена заштитната ограда покрај автопатот, а автобусот завршил превртен на тревната површина.

Во спасувачката интервенција биле ангажирани 15 пожарникари со седум возила, од три доброволни противпожарни друштва и јавни противпожарни единици.

Командирот на противпожарните служби на Загрепската жупанија, Дарио Кезериќ, потврдил дека автобусот се превртел и дека на местото интервенираат сите надлежни служби.

Покрај пожарникарите и екипите на итната медицинска помош, бил испратен и хеликоптер за помош во интервенцијата.

Поради несреќата, сообраќајот на автопатот А3, меѓу клучките Иваниќ-Град и Ругвица, се одвива забавено, по левата лента.

Хрватскиот автоклуб информира дека на оваа делница е воведено ограничување на брзината од 60 километри на час.

Полицијата врши увид на местото на несреќата. Засега не се познати причините поради кои автобусот излетал од патот, ниту дали меѓу загинатите има патници или возачи.

Иако автобусот бил со српски регистарски таблички, засега нема официјални информации за државјанството на загинатите и повредените, ниту за дестинацијата кон која патувал.

Поврзани содржини