ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ГО ПОТВРДИ НАПРЕДОКОТ ВО РЕФОРМИТЕ Македонија бара гаранции за сигурен европски пат

Македонија ќе продолжи со реформите и со барањето решение за отворените прашања, без да прифати нови неизвесности на патот кон ЕУ, вели шефот на македонската дипломатија во ТВ-гостување. Министерот Муцунски го оцени Извештајот на Европската комисија како објективен преглед на напредокот во реформите.

65

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во гостувањето во Вестите на Сител ТВ се осврна на последниот Извештај на Европската комисија, реформските процеси и предизвиците на патот кон полноправно членство во Европската Унија.

Муцунски оцени дека Извештајот претставува објективен и реален преглед на состојбите во државата во однос на европската интеграција, посочувајќи дека во повеќе области е регистриран напредок, додека во други останува потребата од дополнителна работа.






– Јас тоа не би го нарекол критики, туку би го нарекол насоки за тоа што треба да направиме за да се подобриме. Содржината на овој Извештај е во наш интерес. Не треба да го гледаме како испорака кон Европската Унија, туку како испорака кон нашите граѓани, бидејќи станува збор за високи стандарди во кои со години вложуваме време и сериозни ресурси – истакна Муцунски.

Тој нагласи дека во делот на надворешната, безбедносната и одбранбената политика државата веќе повеќе години по ред добива највисоки оценки, потенцирајќи дека станува збор не само за активностите на меѓународен план, туку и за стратешката определба на државата.

Осврнувајќи се на областите во кои е потребен дополнителен напредок, Муцунски посочи дека реформата на правосудството и борбата против корупцијата не зависат исклучиво од извршната власт.

– Не е прашањето само кои закони ќе ги донесеме како Влада, туку и како тие ќе се спроведуваат и какви конкретни резултати ќе испорачаат институциите, особено правосудниот систем во борбата против високата корупција – рече Муцунски.

Во однос на политичките оценки за Извештајот, тој повика фокусот да биде ставен на неговата содржина и на оценките на Европската Унија.

Говорејќи за политиката на проширување, министерот посочи дека позитивно се оценуваат новите механизми за постепена интеграција, пристапот заснован на заслуги и заложбите за намалување на билатерализацијата на процесот.

– Во нашата историја на европска интеграција сме слушнале многу охрабрувања и многу пати сме зборувале за прозорци на можности. Сега очекуваме заедничка испорака. Не велиме дека само Европската Унија треба да испорача кон нас. И ние мораме активно да се вклучиме, да ги спроведуваме реформите и да обезбедиме предвидлива и сигурна рамка за нашиот евроинтеграциски пат – истакна Муцунски.

Во однос на отворените прашања во европскиот процес, Муцунски нагласи дека секое решение треба да биде поврзано со јасно утврдени принципи и дека процесот не треба да се води со однапред поставени рокови.

– Не сме ветиле дека ќе најдеме решение во рок од шест месеци или една година. Чекор по чекор работиме не само на подобрување, туку и на враќање на дел од позициите кои претходно сме ги немале. Истовремено, не се откажуваме од европската интеграција. И нашите изјави и она што го правиме на дело се доказ за тоа – рече Муцунски.

Тој додаде дека при носењето одлуки мора да се земат предвид и можните последици и идните очекувања во процесот.

– Не сме подготвени лековерно или без размислување за последиците да влеземе во процес за кој имаме директно пренесени информации дека по еден чекор ќе следуваат и други очекувања. Не се лесни овие процеси и тие траат долго – истакна Муцунски.

Според него, значајно е што во европските институции и меѓу земјите членки се препознава и широката општествена поддршка за европската интеграција и определбата на Владата за европските вредности.

– Дел од примената на европските вредности е меѓусебното разбирање, почитувањето на меѓусебните идентитети, јазичните различности и културата. Секогаш може да се најде решение доколку има желба и волја од другата страна – нагласи Муцунски.

Тој истакна дека домашните реформи и решавањето на отворените политички прашања мора да се движат паралелно, бидејќи исполнувањето на европските критериуми останува суштински дел од процесот.

– Мораме да најдеме решение и ќе работиме на тоа. Но нашиот императив не треба да биде решение по секоја цена – порача Муцунски.

Поврзани содржини