И ПОКРАЈ БЛОКАДАТА МАКЕДОНИЈА ГИ СПРОВЕДУВА РЕФОРМИТЕ Сиљановска-Давкова побара забрзување на евроинтеграциите од „Пријателите на Западен Балкан“

Претседателката во Брисел порача дека реформите и усогласувањето со европската политика ја потврдуваат посветеноста на Македонија на членството во ЕУ. Таа очекува проширувањето да добие поголемо внимание за време на претстојните претседателства со Советот на ЕУ, особено на Грција и на Италија.

0

И покрај блокадата на пристапниот процес, Македонија забрзано ја спроведува Реформската агенда, додека усогласувањето со европското законодавство и со надворешната политика на Европската Унија ја потврдува посветеноста на државата на евроинтеграциите, истакнала претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на средбата со амбасадорите на групата „Пријатели на Западен Балкан“ во Брисел.

Според соопштението од Кабинетот на претседателката, Сиљановска-Давкова нагласила дека Македонија има солидно ниво на усогласеност на законодавството со правото на ЕУ и стопроцентна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата.






„И покрај блокадата во пристапниот процес, солидното ниво на усогласеност на нашето законодавство со правото на Европската Унија и стопроцентната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ ја потврдуваат македонската посветеност на евроинтегративниот процес“, се наведува во соопштението од Кабинетот.

Претседателката посочила дека дополнителна потврда за таквата посветеност е забрзаното спроведување на Реформската агенда, што, според неа, е констатирано и во овогодишниот извештај на Европската комисија.

На средбата, посветена на регионалната соработка и европската перспектива на Западен Балкан, таа им се заблагодарила на амбасадорите за поддршката што нивните земји ја даваат за македонските евроинтеграции.

Сиљановска-Давкова разговарала со амбасадорката на Хрватска, Ирена Андраси, амбасадорот на Грција, Јоанис Враилас, амбасадорот на Унгарија, Балинт Одор, амбасадорот на Италија, Винченцо Челесте, амбасадорот на Словачка, Јурај Ноциар, и амбасадорот на Чешка, Владимир Бертл.

Таа изразила очекување дека забрзувањето на македонскиот пристапен процес и интеграцијата на целиот регион ќе бидат меѓу приоритетите на претстојните претседателства со Советот на Европската Унија.

Посебни очекувања претседателката има од Грција и од Италија, како земји што се дел од групата „Пријатели на Западен Балкан“ и кои ќе претседаваат со Советот на ЕУ во наредниот период.

Поврзани содржини