НЕ ЧЕКАЈТЕ ДА УДРИ КРИЗА, СОЗДАДЕТЕ ЗАЛИХИ ОД ХРАНА, ВОДА И ЛЕКОВИ Владите ширум Европа и светот апелираат на сериозност и подготвеност

Поради стравувањата од конфликти, природни катастрофи и можни кибер-напади, владите ширум Европа и светот ги повикуваат граѓаните да имаат залихи за најмалку неколку дена.

302

Владите препорачуваат создавање основни залихи од храна, вода, лекови и опрема за итни случаи, при што периодот за кој се препорачува да траат залихите се разликува од земја до земја.

Фокусот на цивилната заштита е особено нагласен во Европа, каде што земјите во близина на Русија ги модернизираа засолништата, планираа евакуации и ги зголемија националните резерви.






Поради стравувањата од ескалација на конфликтите и природни катастрофи, државите го менуваат својот пристап кон цивилната заштита, а фокусот е ставен на тоа домаќинствата да бидат способни да ги преживеат првите денови од криза без туѓа помош.

Како што пренесува глобалната мрежа „CNBCTV18“, владите во Велика Британија, Соединетите Американски Држави, Јапонија и ширум Европа апелираат до граѓаните сериозно да ги сфатат подготовките, повикувајќи ги да обезбедат домашни залихи за најмалку 72 часа. Официјалните лица нагласуваат дека токму овој период од три дена е клучен.

Во случај на голем прекин во снабдувањето со електрична енергија, екстремни временски непогоди или кибер-напад, итните служби не можат да стигнат до сите граѓани одеднаш, туку мора да се фокусираат на најитните случаи и на одржувањето на работата на болниците.

Британската влада во октомври повторно ја активираше својата кампања „Be Ready“ („Бидете подготвени“), барајќи од домаќинствата да чуваат тридневни залихи од основни потреби во случај нормалните услуги да откажат.

Нејзината Стратегија за национална безбедност за 2025 година јасно ги наведува руската агресија, непријателските кибер-активности и саботажите како главни причини за загриженост. Сличен пристап има и Европската Унија, која во март 2025 година ја усвои Стратегијата на Унијата за подготвеност („Preparedness Union Strategy“), исто така препорачувајќи им на граѓаните да бидат подготвени да се потпрат на сопствените залихи најмалку 72 часа во итни случаи.

Американскиот магазин „Newsweek“ во својата анализа наведува дека различни држави препорачуваат различно ниво на подготвеност. Додека Канада, Јапонија, Мексико и Холандија советуваат граѓаните да имаат комплет за итни случаи за период од 72 часа, други земји предлагаат значително подолг период.

Така, Шведска и Норвешка ги советуваат граѓаните да имаат залихи за околу една недела, додека Германија оди чекор понатаму, препорачувајќи резерви што можат да траат до 10 дена. Од друга страна, Индија и САД издаваат нешто поопшти насоки. Американското Министерство за внатрешна безбедност апелира до граѓаните да имаат сопствена храна, вода и други потреби што ќе траат „неколку дена“.

Францускиот регион Нормандија неодамна упати јасен апел на социјалните мрежи: „Не чекајте вонредна состојба: подгответе се сега!“.

Преместувањето на фокусот кон цивилната заштита никаде не е појасно отколку во земјите во близина на Русија. „CNBCTV18“ пишува дека Финска, Шведска, Полска, Естонија, Летонија и Литванија значително ја прошириле цивилната заштита од почетокот на инвазијата врз Украина. Овие земји забрзано ги обновуваат засолништата, планираат евакуации и обучуваат цивили.

Финска ги зголемила државните резерви на жито до ниво што покрива дури девет месеци, додека Полска во 2025 година усвоила нов закон за цивилна одбрана.

Нивниот страв не се однесува само на конвенционална инвазија; нападите врз електроенергетските мрежи, транспортот и комуникациите би можеле да парализираат една земја без ниту еден војник да ја премине границата.

Иако препораките за временскиот период се разликуваат, „Newsweek“ наведува дека упатствата за самата содржина на пакетот за итни случаи се речиси идентични ширум светот. Владите едногласно препорачуваат создавање залихи од трајна храна, флаширана вода, основни лекови, батерии, батериска ламба и радио на навивање или на батерии.

Поранешниот заменик-директор на „FBI“, Ден Бонгино, неодамна во својот подкаст ги предупреди граѓаните дека во турбулентни времиња паниката може да се спречи само со подготовка. Сличен став има и британскиот политичар Енди Барнам, кој во изјава за радио „BBC“ низ насмевка призна:

„Сакам грав, па имам многу во шкафот, како и супи. Мислам дека тоа се работи што би им препорачал на луѓето да ги имаат“.

Покрај цивилните препораки, државите обезбедуваат и воени системи. Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет кон крајот на септември ја претстави иницијативата „FORTRESS“, со која се бара од американските воени бази да можат самостојно да функционираат цели 90 дена без надворешно снабдување, во случај на прекин на синџирите на снабдување за време на конфликт.

Сепак, официјалните лица ја смируваат ситуацијата. Како што наведува „CNBCTV18“, нема докази дека Третата светска војна е на повидок. Се нагласува дека планирањето на најлошото сценарио не е исто што и негово предвидување. Чекањето кризата најпрво да удри, пред да се преземат чекори, би ги оставило и владите и домаќинствата без опции.

За повеќето луѓе, советот е едноставен, евтин и јасен: чувајте вода, храна и лекови за неколку дена, научете како да примате официјални предупредувања преку радиото и запознајте се со локалните процедури во случај на опасност.

Поврзани содржини