РАСПРАВИЈАТА МЕЃУ ЛЕГЕНДИТЕ НА ЈУГОСЛОВЕНСКИОТ РОК СЕ РАЗГОРЕ Хус го нарече лош човек, Џони Штулиќ му возврати, а Јура Стублиќ застана во негова одбрана

Поранешниот фронтмен на „Азра“ жестоко му одговори на Хус од „Парни ваљак“, оспорувајќи ги неговите композиторски способности и тврдејќи дека му помогнал на бендот во клучен период. Во расправијата се вклучи и фронтменот на „Филм“, кој се присети како Штулиќ инсистирал да му го вратат на човекот паричникот што го нашле на улица.

624

Џони Штулиќ, Хусеин Хасанефендиќ Хус и Јура Стублиќ повторно се во центарот на вниманието на регионалната рок-сцена, откако изјавата на гитаристот на „Парни ваљак“ за поранешниот лидер на „Азра“ предизвика остар одговор и реакција од уште една позната музичка фигура. Хус го нарече Штулиќ врвен автор, но лош човек, на што Џони му возврати со долг писмен текст, а Јура Стублиќ јавно порача дека не го смета за лош човек.

Поводот беше гостувањето на Хус во емисијата „Какодалогија“ на телевизијата УНА. Тој рече дека не треба да се мешаат уметничкото дело и личноста на авторот, признавајќи му на Штулиќ исклучителен талент за пишување стихови и песни, но критикувајќи го неговиот карактер. Според Хус, Штулиќ престанал да бара туѓо мислење и сакал само потврда за сопствените ставови, убеден дека е во право за сè.






Штулиќ не му остана должен. Во одговорот објавен од српски „Телеграф“, тој напиша дека Хус не е композитор и дека, според него, „ни за милион години нема да успее да направи песна“. Сепак, му призна дека во времето кога соработувале бил одличен соло-гитарист. Штулиќ се наврати на нивната соработка од седумдесеттите години, ги оспори тврдењата дека Хус му помогнал на почетокот на „Азра“ и изнесе сопствена верзија за тоа кој кому му помогнал во музичката кариера.

Поранешниот фронтмен на „Азра“ тврдеше дека тој му помогнал на „Парни ваљак“ во период кога групата била пред распаѓање, во 1978 година, пред Хус да замине на отслужување воен рок. Според неговото сеќавање, заедно вежбале песни и имале различни пристапи кон музиката. Штулиќ се осврна и на снимките на песните „Балкан“ и „А шта да радим“, нагласувајќи дека аранжманите биле негови, додека Хус ги свирел гитарските делници. На крајот од одговорот, Штулиќ напиша дека има впечаток оти Хус го гризе совеста, бидејќи поминале речиси 50 години од нивната соработка.

Во расправијата се вклучи и Јура Стублиќ, фронтменот на групата „Филм“, кој не се согласува со оценката дека Штулиќ е лош човек. За порталот „Загреб.инфо“ тој раскажа случка од младоста, кога двајцата се дружеле. Еднаш, како група млади луѓе, нашле паричник со пари. Додека другите размислувале да ги земат парите, а документите да ги остават пред полициската станица, Штулиќ инсистирал и парите и паричникот да ѝ ги предадат на полицијата.

– Тогаш го доживеав како чесен човек – рекол Стублиќ.

Тој додал дека не се согласува со сите ставови на Штулиќ, особено со неговите политички гледишта, но смета дека секој има право на сопствено мислење. Иако денес не се во контакт, Стублиќ вели дека преку медиумите ги следи неговите изјави. На прашањето за карактерот на поранешниот фронтмен на „Азра“, одговорил дека не е стручен да го проценува, но дека „за еден уметник е сосема нормален“.

Штулиќ, кој со „Азра“ остави длабока трага во рок-музиката на поранешна Југославија, со години живее повлечено во Холандија и ретко се појавува во јавноста. „Парни ваљак“, основан во 1975 година, и „Филм“, кој се проби на почетокот на осумдесеттите, исто така се меѓу бендовите што ја обележаа тогашната рок-сцена.

Поврзани содржини