КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ЈАНИ МАКРАДУЛИ ЗА ШТЕТА ОД РЕЧИСИ 178.800 ЕВРА Екс-директорот на „Пошта“ не исплатил долг, па се натрупале казнени камати

Поранешниот генерален директор не презел дејствија за исплата на обврски од 19,3 милиони денари кон две компании, по што „Пошта“ била задолжена да плати речиси 11 милиони денари казнена камата.

171

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против поранешниот генерален директор на АД „Пошта на Северна Македонија“, Јани Макрадули, поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување. Според пријавата, со ненавремено плаќање на обврски кон две компании, на државната пошта ѝ била предизвикана штета од речиси 11 милиони денари само по основ на казнена камата.

Случајот се однесува на периодот од 2021 до 2022 година, кога Макрадули раководел со „Пошта“. Од Управата за финансиска полиција информираат дека тој не постапил по одлуки и заклучоци на Управниот одбор за исплата на парични обврски кон два правни субјекта, во вкупен износ од 19.292.984 денари или 178.800 евра.






„Во периодот од 2021 до 2022 година, пријавениот, постапувајќи спротивно на Статутот на друштвото и Законот за трговските друштва, не презел дејствија за реализација на одлуки и заклучоци на Управниот одбор за исплата на парични обврски кон два правни субјекта во вкупен износ од 19.292.984,00 денари“, се наведува во соопштението.

Според наводите на Финансиската полиција, иако му биле доставени потребните документи за исплата, Макрадули не ја потпишал спогодбата за подмирување на долгот, не ги потврдил фактурите и не ги потпишал налозите за плаќање.

Поради тоа, против „Пошта“ биле поведени судски постапки, а со судски пресуди биле утврдени и обврски за плаќање казнена камата.

„Со ваквото постапување овозможил против друштвото да бидат поведени судски постапки, по што со судски пресуди биле утврдени обврски за плаќање казнена камата. На овој начин, на АД „Пошта на Северна Македонија“ му била предизвикана вкупна штета од 10.968.483,00 денари по основ на казнена камата“, стои во соопштението.

Макрадули беше генерален директор на „Пошта на Северна Македонија“ од 2020 до 2022 година.

Кривичната пријава е поднесена до Основното јавно обвинителство Скопје, а сомневањата наведени во неа треба да се утврдат во понатамошната постапка.

Поврзани содржини