АРМИЈАТА НАСКОРО ДOБИВА ДВА ТРАНСПОРТНИ ХЕЛИКОПТЕРА, А ПОТОА УШТЕ ШЕСТ Мисајловски најави повисоки плати за војниците од 1 јануари

Министерот за одбрана најави и брзо решение за статусот на професионалните војници, како и нова опрема за Армијата.

133

Зголемување на платите во Армијата и Министерството за одбрана од 1 јануари, нов колективен договор и решение со кое ќе се реши статусот на професионалните војници по навршувањето на 45 години, нова опрема, модернизација, исплатени обврски – најави денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски, обраќајќи се на свеченоста на Командата за операции во кумановската касарна „Боро Менков“.

Министерот, заблагодарувајќи ѝ се за поддршката на претседателката и врховен командант на вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова и на Генералштабот на Армијата, најави решенија кои се важни за припадниците на Армијата.






– Сакам да ве информирам дека од кога сум министер имаме тужби од 2019-2020 досега, кои се исплатени преку 26 милиони евра додека јас сум министер. Тоа е направено, бидејќи тоа се ваши средства и тоа го заслужувате, но паралелно исплаќаме сѐ по колективен договор. Тоа е нешто што е многу важно за мене но и за сите луѓе во министерството, бидејќи знаат сите процеси како да ги предвидат – рече Мисајловски.

Тој рече дека паралелно со ова  е набавена нова опрема, пристигнатите се сите возила „страјкери“, „хаубици“, и наведе дека сѐ е исплатено иако кога дошол за министер наишол на празна каса.

– Иако имавме потешкотии, со многу договори посебно ќе го истакнам договорот со Леонардо за хеликоптерите сакам да знаете дека чекор по чекор внимателно и доследно ќе го спроведеме и од следниот месец треба да се направи или приемот на хеликоптерите ќе стигнат два нови хеликоптер – рече Мисајловски.

Тој информираше дека има најави за забрзано производство и пред рокот треба да да стигнат и останатите хеликоптери по договор, посочувајќи дека се сериозни средства кои ќе треба да се одвојат и исплатат.

Мисајловски зборуваше и за тоа колку е важен човекот во Армијата

– Набрзо ќе донесеме нов колективен договор, се почитува сегашниот, но се она што ќе го предложат синдикатите ќе биде прифатено и ќе направиме нов колективен договор и тоа е важно да продолжи она што следува и сакам оттука да знаете дека ниту едно право што досега го имате нема да биде загрозено – нагласи Мисајловски.

На одбележувањето, тој најави и решени за решение за проблемот на професионалните војници кои навршуваат 45 години.

– Сакам да бидете информирани дека долго време работевме со началникот и со синдикатите и со останатите директорати но и со многу луѓе и старешини во армијата да најдеме решение за професионалните војници кои навршуваат 45 години. Работевме и благодарен сум многу за ова решение, бидејќи произлегува од армијата, произлегува од луѓето што ја носат униформата сакам да бидете свесни дека веќе ова решение помина на колегиум во Владата и ќе се најде на седница на Влада уште следната недела – рече Мисјаловски.

Командата за операции, денеска го одележува Денот на единицата-17 Октомври. Покрај министерот, обраќање имаше и претседателката и врховен командант на вооружените сили, Гордана Силјановска Давкова. Присуствуваа високи делегации, меѓу нив и началникот на Генералштабот на Армијата, Сашко Лачиски, пратеници, одбранбени аташеа, команданти.

Поврзани содржини