СТОЈКО РАМОВ Е НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОНК По16 години првата синдикална фотелја ја напушти Јаким Неделков

Како приоритети во претстојниот период, Рамов ги најави потпишувањето колективен договор за детската заштита и нов колективен договор за културата, со цел подобрување на економско-социјалниот статус на вработените.

158

Стојко Рамов е избран за нов претседател на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Македонија (СОНК), на денешниот VIII редовен конгрес на синдикатот. Како приоритети во претстојниот период, Рамов ги најави потпишувањето колективен договор за детската заштита и нов колективен договор за културата, со цел подобрување на економско-социјалниот статус на вработените.

– Ќе се залагам за враќање на достоинството на просветните работници и нивно поставување на местото што го заслужуваат во ова општество. Во претстојниот период треба да се потпише колективен договор за детската заштита и нов колективен договор за културата, така што нѐ чека многу работа. Се надевам дека ќе наидеме на разбирање од социјалните партнери, со што ќе успееме да го подобриме економско-социјалниот статус на просветните работници во цела Македонија – истакна Рамов.






Во однос на временската рамка за реализација на овие очекувања, тој посочи дека постигнувањето договор зависи од двете страни во преговорите.

– Тоа се преговори и не зависи сè само од СОНК, туку и од другата страна. Затоа, треба да изнајдеме заемно прифатливо решение со цел постигнување договор – рече Рамов.

Досегашниот претседател на СОНК, Јаким Неделков оцени дека социјалниот дијалог треба да продолжи и преговорите да завршат што е можно поскоро. Посочи дека дел од прашањата се усогласени, но дека одредени економски околности го спречиле целосното завршување на разговорите.

– Во делот на детската заштита веројатно има уште многу да се работи, од типот на менување одредби од Законот за заштита на децата, како и измена и дополнување на некои одредби во колективниот договор. Имаме соодветни проблеми и во делот на културата, околу системот на исплата на платите и слично – рече Неделков.

Тој нагласи и дека треба да се најде соодветна рамка за ученичките и студентските домови, со акт што ќе ги уреди работните односи и исплатата на платите. Како краен рок за завршување на процесите ги посочи 2027 година, со можност тоа да се случи и порано.

– Да не ги заборавиме и ученичките и студентските домови, коишто дефинитивно треба да се стават во соодветна рамка. Треба да постои акт врз основа на кој ќе се работи, ќе се соработува, ќе се договара и конечно ќе се зема плата според документ што ќе биде општоприфатлив за сите во државата, а не поединечно кој како може да земе плата – рече Неделков.

Рамов до изборот на претседателската функција беше еден од двајцата потпретседатели на СОНК и претседател на регионален огранок на синдикатот.

Поврзани содржини