ЕДНА ОД НАЈПОЗНАТИТЕ ВИЛИ ВО СВЕТОТ СТАНА СОБИРАЛИШТЕ ЗА ДРОГА И СЕКС Се урива злогласното здание на Пабло Ескобар
Куќата во елитен дел на Меделин со години беше напуштена, а властите тврдат дека во неа се собирале зависници и се одржувале сексуални средби и наводни сатанистички ритуали.
Куќата поврзана со озлогласениот колумбиски наркобос Пабло Ескобар почна да се урива во Меделин, откако со години била напуштена и станала проблем за безбедноста во населбата. Според градските власти, објектот се користел за консумирање дрога, сексуални средби и наводни сатанистички ритуали.
Имотот се наоѓа во Ел Дијаманте, во елитната населба Ел Побладо, на парцела од околу 1.850 квадратни метри. Во 1979 година го купила сопругата на Ескобар, Викторија Еухенија Енао, во периодот кога тој го градел своето криминално царство. Неговото богатство се проценувало на околу 30 милијарди долари, а неговиот картел во еден период снабдувал голем дел од светскиот пазар со кокаин.
Градските власти порачале дека Меделин не сака да продолжи да ги велича криминалците ниту да го промовира нарко-туризмот. Според нив, уривањето е дел од напорите да се отстранат местата што ја претвораат криминалната историја во туристичка атракција и им создаваат проблеми на жителите.
Имотот бил предмет на правни постапки со години. Во 2004 година бил блокиран, во 2018 година бил предаден на државниот фонд за одземен имот стекнат со криминал, а во 2020 година судот донел конечна одлука за негово одземање. Пред почетокот на уривањето, надлежните служби ја провериле состојбата на објектот и дале одобрение за рушење.
¡En Medellín no glorificamos delincuentes ni hacemos apología del narcotráfico!
Iniciamos la demolición de una casa vinculada a Pablo Escobar, en El Poblado, que durante años fue utilizada para el consumo de drogas, presuntos rituales satánicos y narcoturismo.
Recuperamos espacios para la tranquilidad de la gente. En Medellín no hay cabida para nada que haga apología del delito.
— Fico Gutiérrez (@FicoGutierrez) October 13, 2026
Пабло Ескобар, еден од најозлогласените наркобосови во светот, беше убиен во Меделин во декември 1993 година, во операција на колумбиските безбедносни сили, со поддршка од САД.