📽️ МЕСИ СЕ ПОЧЕСТИ СО ЛУКСУЗНА ЈАХТА ОД 27 МЕТРИ Погледнете го пловечкиот рај со 5 кабини и 2.000 коњски сили

Аргентинската фудбалска ѕвезда нарача катамаран „Ултима 88“, кој се гради во Обединетите Арапски Емирати. Пловилото ќе го користи за семејни одмори, но и за изнајмување преку сопствената компанија.

181

Фудбалскиот ас кој скоро се пензионираше, Лионел Меси (39), се почести со луксузна јахта долга речиси 27 метри, со пет кабини, пространи тераси и два мотора со вкупна моќност од 2.000 коњски сили. Аргентинската фудбалска ѕвезда го нарача катамаранот „Ултима 88“ од полскиот производител „Санриф“, а пловилото моментално се гради во Обединетите Арапски Емирати.

Новиот катамаран е вистинска пловечка вила. Главниот апартман се протега низ целата ширина на пловилото, а покрај него има уште четири кабини за гости. На располагање се и големи надворешни палуби, простор за одмор и тераси што можат да се прошират во платформа веднаш над морето.






Особено впечатлив е задниот дел на јахтата, каде што се наоѓа простор за сончање, дружење и водени спортови. Пловилото располага и со гаража за скутери на вода.

Меси објасни дека изборот на ваков катамаран е поврзан со неговата љубов кон морето и желбата да поминува повеќе време со семејството.

– За мене е големо задоволство што станувам дел од семејството на „Санриф“. Јас и моето семејство отсекогаш сме сакале да поминуваме време на море, секогаш кога ќе се укаже можност – изјави Меси.

„Ултима 88“ првпат беше претставен како концепт во 2023 година, а првиот примерок беше пуштен во вода во април годинава. Во моментов се градат уште неколку пловила од истиот модел.

Катамаранот ќе има два мотора од по 1.000 коњски сили. Моделот е достапен со класичен дизелски или хибриден погон, а може да биде опремен и со соларни панели.

 

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Local Dubai (@localdubai_)

Но, Меси нема да ја користи јахтата само за приватни патувања. Тој планира да ја вклучи во својата флота за изнајмување „МИМ Оушн“, која ја развива во соработка со компанијата „Мед Кет Јотс“.

Флотата засега располага со три помали катамарани, а новото пловило значително ќе ја прошири понудата.

– Јахтите на „Санриф“ имаат стил и карактеристики што навистина ми се допаѓаат и совршено одговараат на она што го барам. Едвај чекам да го испробам „Ултима 88“ и да уживам во него со семејството – порача Меси.

Аргентинецот не е единствената спортска ѕвезда што избрала пловило од овој производител. Меѓу познатите клиенти на „Санриф“ се и тенисерите Рафаел Надал и Карлос Алкараз, како и поранешните шампиони во Формула 1, Фернандо Алонсо и Нико Розберг.

Поврзани содржини