ДЕВЕТНАЕСЕТ ГОДИНИ БЕЗ ТОШЕ, А НЕГОВИТЕ ПЕСНИ И НАТАМУ СЕ ПЕАТ Да беше жив, балканскиот музички миленик ќе полнеше 46 години во јануари
И оваа година, споменот за Тоше се одбележува со традиционалниот маратон од Нова Градишка до Крушево. Четиринаесет маратонци тргнаа на пат во негова чест и денес треба да пристигнат на неговото вечно почивалиште, споменичното обележје на Гумење.
На денешен ден, 16 октомври, се навршуваат 19 години од трагичната смрт на Тоше Проески, пејачот чиј глас и песни оставија длабока трага во Македонија и на Балканот. Имаше само 26 години кога загина во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Хрватска, на пат кон Загреб. Речиси две децении подоцна, неговото име и музика продолжуваат да живеат во сеќавањата на публиката.
И оваа година, споменот за Тоше се одбележува со традиционалниот маратон од Нова Градишка до Крушево. Четиринаесет маратонци тргнаа на пат во негова чест. Низ Хрватска треба да истрчаат околу 200 километри, потоа преку Србија да продолжат со возила, а по влегувањето во Македонија, македонските маратонци ќе истрчаат уште околу 220 километри до Крушево.
Нивната крајна цел е Гумење, местото каде што почива Тоше Проески. Маратонот со години е еден од начините на кои неговите почитувачи ја одржуваат врската со пејачот кој не беше сакан само поради музиката, туку и поради својата скромност, човечност и хуманост.
Тоше е роден на 25 јануари 1981 година во Прилеп. Неговиот талент беше забележан уште во детството, кога во 1992 година настапи на фестивалот „Златно славејче“ со песна на влашки јазик. Музичката кариера ја започна со победата на „Мелфест“ во Прилеп во 1997 година, а набргу стана едно од најпрепознатливите имиња на македонската и регионалната музичка сцена.
Во 2004 година ја претставуваше Македонија на Евровизија во Истанбул, а истата година стана и амбасадор на УНИЦЕФ. Неговата кариера се развиваше и надвор од границите на земјата, а амбициите беа сè поголеми. Во времето на несреќата работеше и на албум на англиски јазик, „The Hardest Thing“, кој беше објавен постхумно.
Последниот албум на македонски јазик, „Игри без граници“, беше промовиран само две недели пред неговата смрт. Тоше објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик, а последниот концерт го одржа на Градскиот стадион на 5 октомври 2007, пред илјадници луѓе. Настапот имаше хуманитарен карактер, а средствата беа наменети за подобрување на условите во образованието во Македонија.
Единаесет дена подоцна, веста за неговата смрт ја потресе земјата и регионот. Тоше замина во момент кога неговата кариера добиваше сè поголеми меѓународни размери, оставајќи зад себе песни што станаа дел од колективното сеќавање. Денес, неговите хитови и натаму се пеат, а маратонците што тргнуваат кон Крушево секоја година испраќаат иста порака: времето минува, но Тоше не е заборавен.