📽️ ГОСТИВАРЕЦ СО МОТОР „ЛЕТАЛ“ СО 188 КМ/Ч НА АВТОПАТ Полицијата го приведе 27-годишниот моторџија

Мотоциклот „јамаха“ се движел со 188 километри на час на делница со ограничување од 80 км/ч. Против 27-годишниот возач е најавена постапка за безобѕирно управување со моторно возило.

72

Мотоциклист со „јамаха“ возел со 188 километри на час на автопатот Гостивар – Тетово, иако на делницата максимално дозволената брзина е 80 километри на час. Полицијата го открила со специјален полициски пресретнувач, а 27-годишниот возач од Гостивар бил лишен од слобода.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот бил откриен на 15 октомври, во 16:20 часот. Полициските службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата регистрирале мотоцикл „јамаха“ со гостиварски регистарски ознаки, кој се движел со брзина од 188 километри на час.






Возачот В.Б. (27) од Гостивар е лишен од слобода поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, според член 297-а од Кривичниот законик. Од МВР информираат дека се преземени соодветни мерки и дека против него ќе следува постапка согласно закон.

Од Министерството најавуваат дека продолжуваат со засилени сообраќајни контроли со специјалните полициски возила – пресретнувачи на територијата на целата држава, со цел откривање и санкционирање на возачите што ги прекршуваат сообраќајните правила.

Од МВР потсетуваат дека непочитувањето на ограничувањата на брзината е една од главните причини за сообраќајни незгоди и апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите.

Поврзани содржини