📽️ МАКЕДОНЦИТЕ ВО ФОКУСОТ НА КОНФЕРЕНЦИСКАТА ЛИГА Елмас погоди, Гаштаров асистираше, Алиоски влезе од клупата
Елиф Елмас го постигна првиот гол за Аталанта во победата од 3-1 над Пафос, додека Матеј Гаштаров асистираше во поразот на Црвена звезда од Лугано, кој до триумфот стигна со два доцни гола.
Македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас го постигна својот прв гол во дресот на Аталанта, помагајќи му на италијанскиот клуб да слави победа од 3-1 над кипарскиот Пафос во натпревар од второто коло во Конференциската лига.
Елмас беше во почетниот состав и уште во 47. секунда од натпреварот во Бергамо го најави триумфот на домашниот тим.
Распадори од пенал во 16 минута и Скамака во 44 минута ѝ донесоа на Аталанта убедлива предност пред паузата. Во второто полувреме, Пафос успеа да постигне само почесен гол преку Биел во 88 минута.
Елмас го одигра целиот натпревар за италијанскиот тим, кој викендов го очекува гостување кај Милан во Серија А.
Гаштаров асистираше, но Црвена звезда загуби
Македонскиот репрезентативец Матеј Гаштаров го одигра целиот натпревар за белградска Црвена звезда, која загуби на гостувањето кај Лугано со 3-2.
Гаштаров му асистираше на Елшник во 32. минута, кога српскиот шампион израмни на 1-1. Круниќ во 67 минута ѝ донесе водство на Црвена звезда, но домашниот тим направи целосен пресврт во завршницата.
Македонскиот репрезентативец во редовите на Лугано, Егзјан Алиоски, влезе во игра од клупата за резерви во последните десетина минути. Швајцарскиот тим дојде до победата со головите на Монкада во 84 минута и Гргиќ од пенал во 89 минута.