ГРАДОТ ВЕТУВА ДЕКА СКОПЈЕ ЌЕ ДОБИЕ ЛУНА ПАРК ВО ПРЕДВИДЕНИОТ РОК Договорот е раскинат спогодбено, ќе има нов на помала сума
Град Скопје ја информира јавноста дека станува збор за одлука со која се избегнува двојна набавка на исти реквизити и се обезбедува одговорно трошење на јавните средства.
Град Скопје потврди дека го раскинал договорот за реконструкција на Луна парк со фирмата „Мастеф“ ДООЕЛ Скопје, склучен на 6 мај 2026 година, во вредност од 621.007.264 денари, односно околу 10,1 милиони евра, и информмира дека тоа е направено спогодбено и со цел да
се избегне двојна набавка на исти реквизити.
„Во однос на постапките за набавка и спогодбеното раскинување на договорот склучен по новиот тендер, Град Скопје ја информира јавноста дека станува збор за одлука со која се избегнува двојна набавка на исти реквизити и се обезбедува одговорно трошење на јавните средства.
Имено, по раскинувањето на претходниот договор за набавка на реквизити, склучен во времето на градоначалникот Коце Трајановски, фирмата повела судска постапка против Град Скопје. Судската одлука во корист на фирмата, со која Градот има обврска да ги плати реквизитите, била донесена откако веќе бил склучен договорот по новиот тендер” – се вели во соопштението.
Од градот велат дека, бидејќи новата набавка опфаќала и реквизити предвидени со претходниот договор, било решено новиот договор да се раскине спогодбено. Со тоа се спречува непотребно дуплирање на опремата и дополнително оптоварување на градскиот буџет.
„Оваа одлука не го менува рокот за изградба на новиот Луна парк. За еден месец ќе започне монтирањето на седумте реквизити набавени со претходниот договор, паралелно со уредувањето на просторот, за да се создадат услови овој дел од паркот да започне со работа.
Со новиот тендер што дополнително ќе биде објавен ќе се набават дополнителни реквизити, меѓу кои ролеркостер и панорамско тркало, со кои ќе се заокружи понудата на забавни содржини. На овој начин, вредноста на новиот договор ќе биде помала од 10 милиони евра“ – се вели во соопштението на Град Скопје.
Градот информира дека Луна паркот ќе се простира на поголема површина од некогашниот, проширувајќи се и на просторот во Градскиот парк каде што се наоѓаа летните дискотеки, отстранети пред шест месеци.
„Ова ќе овозможи повеќе простор за нови атракции, подобра организација на содржините и попријатен престој за посетителите“ – се вели во соопштението.