📽️ ПОЗНАТА ТУРСКА АКТЕРКА И ПЕЈАЧ СПАСУВАНИ СО ЧАМЦИ ВО ИСТАНБУЛ Стотици луѓе останале заробени во студиото
Демет Оздемир и Мурат Боз се нашле среде драматична спасувачка акција во населбата Ајазага. Водата навлегла во студискиот комплекс, снемало струја, а пристапот до објектот бил речиси невозможен.
Популарната турска актерка Демет Оздемир и пејачот Мурат Боз биле евакуирани со чамци од поплавен студиски комплекс во Истанбул, откако силното невреме ги отсекло излезите од зградата. Двајцата останале заробени заедно со голем број членови на продукциските екипи, додека водата продолжувала да надоаѓа.
Драмата се одвивала во населбата Ајазага, во истанбулската општина Саријер, каде што поплавите ги зафатиле студиото и околните улици. Во катастрофалните поплави кои го зафатија градот веќе загина момче од струен удар и маж кој се лизнал на главата.
Актерката Оздемир била во објектот кога водата почнала да навлегува во зградата. Бидејќи излегувањето станало опасно, актерката побарала помош преку социјалните мрежи.
Спасувачките екипи морале да пристигнат со чамец за да ја извлечат од поплавениот комплекс. Според турските медиуми, актерката била успешно пренесена на безбедно.
Во истиот комплекс се наоѓал и познатиот турски пејач и актер Мурат Боз.
Тој преку социјалните мрежи предупредил дека водата навлегла во студиото, дека електричната енергија е прекината и дека во објектот има луѓе на кои им е потребна итна помош.
Според медиумските извештаи, во комплексот имало стотици луѓе, меѓу кои вработени и членови на продукциските тимови. Точниот број на заглавени лица не е потврден.
Во спасувањето учествувале екипи на турската Агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД), медицински спасувачки тимови, пожарникари, крајбрежната стража и други служби.
Високото ниво на водата и силната струја дополнително ја отежнувале евакуацијата.
И Боз на крајот бил извлечен на безбедно, додека спасувачите продолжиле да им помагаат на останатите луѓе во поплавеното подрачје.
Снимките од акцијата покажуваат како невремето го претворило студискиот комплекс во поплавена зона, а снимањето било прекинато поради опасноста за присутните.