МАСК ОБЈАСНИ ЗОШТО „СТАРШИЛД“ ЗАБАВИ ВО УКРАИНА Последниот збор го има Трамп, а не „Спејс икс“
По информациите дека е ограничена брзината на сателитските комуникации во Украина, сопственикот на „Спејс екс“ направи разлика меѓу воениот систем „Старшилд“ и комерцијалниот „Старлинк“. Според него, одлуките за првиот систем ги носат американските власти.
Американскиот милијардер и сопственик на „Спејс икс“, Илон Маск, изјави дека одговорноста за ограничувањата на сателитските комуникации во Украина е на владата на САД.
По информациите за намалена брзина на системот „Старшилд“, тој објасни дека оперативните ограничувања ги одредува американското воено раководство, додека конечниот збор го има претседателот Доналд Трамп.
Маск објасни дека „Старшилд“ е под контрола на американската влада, а не на неговата компанија. Според неговото објаснување, Вашингтон одлучува за брзината на комуникациите и за начинот на кој системот може да се користи.
Тој направи разлика меѓу „Старшилд“, наменет за потребите на американските државни и воени институции, и „Старлинк“, комерцијалната сателитска услуга на „Спејс икс“.
Ограничувањата можеле да ги попречат украинските напади
Според Маск, „Старлинк“ е ограничен на цивилни и одбранбени активности и не е наменет за офанзивни воени операции.
Реакцијата на Маск следува по извештаите дека брзината на интернетот преку „Старшилд“ во Украина била ограничена, што наводно предизвикало проблеми во украинските воени операции.
Според тие информации, ограничувањата можеле да влијаат врз нападите со долг дострел против руски цели, но и врз обидите за пресретнување руски беспилотни летала на млазен погон.
Засега нема независна потврда за обемот на ограничувањата, ниту за конкретните последици врз украинските операции. Не е соопштено ни дали станува збор за привремена мерка или за подолгорочна промена во користењето на системот.
Песков и „брилијантните технологии“
Само неколку часа пред појаснувањето на Маск, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, зборуваше за употребата на сателитските комуникации во војната.
– Би било подобро ваквите брилијантни технологии, како што е „Старлинк“, воопшто да не се користат за воени цели – изјави Песков.
Неговата изјава се однесуваше на воената употреба на сателитските технологии, додека Маск зборуваше за тоа кој ги контролира ограничувањата на конкретниот систем.
„Старлинк“ има важна улога во украинските комуникации од почетокот на руската инвазија, додека „Старшилд“ е развиен за потребите на американските државни институции. Разликата меѓу двата система сега е во средиштето на спорот околу ограничувањата.