БУГАРСКИ РАДИКАЛИ СО ЖЕСТОК ГОВОР НА ОМРАЗА КОН МАКЕДОНИЈА ЈА БРАНАТ БЕГАЛКАТА МИХАИЛОВА Потерницата по Ива го разбуди националистичкото лудило во Софија

Случајот со обвинетата која замина во Бугарија предизвика нов бран навредлива и националистичка реторика од Софија. Слави Трифонов го негира македонскиот идентитет, Красимир Каракачанов ги нарекува македонските власти измамници, додека бугарското ВМРО бара блокирање на евроинтеграцијата.

1,138

Силни навреди и тежок говор на омраза кон македонските власти и кон македонските граѓани упатија дел од националистичките и радикални бугарски политичари откако Македонија распиша меѓународна потерница по бегството на Ива Михаилова на која во земјава ѝ се суди за сообраќајна несреќа со смртни последици.

Лидерот на партијата „Има таков народ“, Слави Трифонов, отиде најдалеку, со отворено негирање на македонскиот национален идентитет и пораки за претопување на Македонците. Трифонов го оспори правото на Македонците на сопствен национален идентитет и тврди дека Бугарија нема да ја предаде Михаилова на македонските власти.






„Навистина ми се повраќа од овие патетични искомплексирани луѓе, кои се крадци на бугарската историја“, напиша Трифонов, напаѓајќи ги македонските политичари. Тој ги нарече Македонците „Северномакедонци“ и го негираше нивниот идентитет.

„Како и да се нарекувате себеси – вие сте Бугари. Отсекогаш сте биле и секогаш ќе бидете. А конкретно вие во Северна Македонија, каде што ме слушате или ме читате токму сега, порано или подоцна, ќе клекнете и ќе се претопите“, рече Трифонов.

Ваквите изјави претставуваат директен напад врз националното самоопределување на Македонците.

Трифонов тврди дека Михаилова ќе остане во Бугарија.

„Ние, Бугарите, не предаваме!“, напиша тој, порачувајќи дека не верува оти постои бугарски функционер што би ја предал на Македонија.

Каракачанов го навреди Мицкоски

Поранешниот бугарски вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, го искористи случајот за навредливи напади врз македонските власти. Во настап за телевизијата „Бугарија он ер“ на 13 октомври, тој изјави дека Скопје со години ја клевети Бугарија и дека тој не им верува на македонските политичари.

– Не верувам во ништо што кажуваат политичарите од Скопје. На тие луѓе не може да им се верува – изјави Каракачанов.

Тој ги нарече македонските власти измамници, а премиерот Христијан Мицкоски го нападна со лична навреда, нарекувајќи го „еден простак што се прави дека е премиер на соседна држава“.

Партијата ВМРО-БНД, предводена од Каракачанов побара целосно замрзнување на разговорите за европската интеграција на Македонија. Во соопштението објавено на 14 октомври, партијата побара од бугарските институции да ги отфрлат македонските барања за екстрадиција и судска соработка во случајот Михаилова.

„Нема преговори, нема укинување на ветото под никаков притисок, додека Скопје не стави крај на својот физички, административен и судски терор врз македонските Бугари“, се наведува во партиската реакција.

Ултрадесничарската „Преродба“ ја спореди Михаилова со Груевски

Ултрадесничарската бугарска партија „Преродба“ остро се спротивстави на екстрадицијата на Ива Михаилова. Пратеникот Коста Стојанов од собраниската говорница ја обвини Македонија за политичко лицемерие, споредувајќи го случајот со бегството на поранешниот премиер Никола Груевски.

– Политичко лицемерие е да се затвораат очите пред злосторствата на Груевски за милиони, а да се обвинува невино бугарско девојче – изјави Стојанов, пренесе бугарската новинска агенција БТА.

Партијата побара од бугарската влада да не ја екстрадира Михаилова и да ѝ обезбеди правна, дипломатска и конзуларна заштита. Со тоа „Преродба“ се приклучи на бугарските политички сили што се противат на нејзиното предавање на македонските власти.

Бугарија ја одби екстрадицијата

Ива Михаилова, која има и македонско и бугарско државјанство, е обвинета во Македонија за сообраќајна несреќа со смртни последици. По нејзиното бегство во Бугарија, Основниот суд во Кочани на 13 октомври ѝ определи притвор.

Истиот ден МВР распиша централна и меѓународна потерница по Ива Михаилова, а преку Интерпол – Скопје испрати и барање до Бугарија за нејзино апсење и екстрадиција.

Бугарското МВР потврди дека го примило барањето, но соопшти дека нема да преземе мерки за нејзино лоцирање, повикувајќи се на уставните одредби и правото да одбие екстрадиција на сопствен државјанин, без да објави формална одлука за одбивање.

Поврзани содржини