ПОЧНА ПОСТАПКАТА ЗA ИЗБОР НА ИЗВЕДУВАЧИ ЗА БРТ Ѓорѓиевски со ЕБОР ги отвори и проектите за Трубарево и за Зелениот акциски план

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски соопшти дека е започната претквалификацијата на изведувачи за првата линија на брзиот автобуски превоз. Со претставниците на ЕБОР разговарал и за пречистителната станица во Трубарево, инфраструктурата и за енергетската ефикасност.

222

Почната е постапката за претквалификација на изведувачи за првата линија на брзиот автобуски превоз (БРТ) во Скопје. Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски го соопшти ова по средбата со делегација на Бордот на директори на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

На средбата се разговарало и за пречистителната станица за отпадни води во Трубарево, како и за реализацијата на Зелениот акциски план за Скопје.






„Веќе е започната постапката за претквалификација на изведувачи за Линија 1, а паралелно продолжуваат активностите за обезбедување стручна поддршка за реализација на проектот“, напиша Ѓорѓиевски во објавата.

Според градоначалникот, БРТ треба да овозможи побрз и посигурен јавен превоз, со помал сообраќаен метеж и со помало загадување.

„Скопјани заслужуваат побрз, посигурен и поквалитетен јавен превоз“, порача тој во писмената објава.

Ѓорѓиевски наведе дека со делегацијата на ЕБОР разговарал за стратешките инвестиции и за продолжување на соработката со банката.

„Секој проект мора да решава вистински проблем, а секоја инвестиција да носи конкретна придобивка за скопјани“, напиша градоначалникот.

Посебна тема била пречистителната станица за отпадни води во Трубарево. Ѓорѓиевски ја посочи како значајна инвестиција за заштитата на водите, животната средина и за здравјето на граѓаните.

Разговорите со ЕБОР ја опфатиле и модернизацијата на градската инфраструктура, како и подобрувањето на енергетската ефикасност.

„Ја потврдив и определбата за понатамошна соработка во модернизацијата на инфраструктурата, енергетската ефикасност и реализацијата на Зелениот акциски план за Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.

Градоначалникот ѝ се заблагодарил на делегацијата на ЕБОР за посетата и за досегашната поддршка на проектите во Скопје.

Поврзани содржини