📽️ НЕВРЕМЕТО ОДНЕСЕ АВТОМОБИЛИ НА СКИЈАТОС Бурата се движи кон Халкидики

Силното невреме предизвика поплави на Скијатос и на Евија, а проблеми има и во Атина. Властите испратија итно предупредување до населението, додека метеоролозите најавуваат нови обилни врнежи.

355

Обилни дождови предизвикаа големи поплави во повеќе делови на Грција. Најтешка е состојбата на островот Скијатос, каде што поројот однел два автомобила, а водата навлегла во домови и во продавници.

Невремето затвори патишта, предизвика прекини на струјата и го наруши сообраќајот.






Портокалово предупредување важи за Атика, Спорадите, Магнезија и за делови од централна Грција.  Невреме се очекува и на Халкидики, североисточен Пелопонез, Кикладите, Додеканезите и на Крит.

Грчката служба за цивилна заштита рано утрово испратила итно предупредување преку системот 112.

 

„Силни временски непогоди на островот Скијатос. Ограничете го движењето на она што е апсолутно неопходно. Следете ги упатствата на надлежните органи“, се наведува во предупредувањето.

Градоначалникот на Скијатос има намера да побара островот да биде прогласен за подрачје погодено од природна катастрофа.

 

Сериозни проблеми има и на островот Евија. Реката Киријас се излеала, поради што бил пренасочен сообраќајот кон Халкида.

Проблеми со снабдувањето со електрична енергија се регистрирани во Неа Артаки.

Поплавите зафатија и делови од Атика, вклучувајќи ги Атина, Пиреја, Перама и Мегара. Полицијата пренасочи дел од сообраќајот поради вода на коловозите.

Поврзани содржини