ЦРНА ГОРА ВОВЕДУВА ВИЗИ ЗА РУСИТЕ, МОСКВА ВОЗВРАЌА СО ИСТА МЕРКА Според Захарова, Подгорица ја жртвува економијата за ЕУ

Подгорица од 1 ноември го укинува безвизниот режим за руските граѓани, додека Кремљ најавува иста мерка за Црногорците. Москва оценува дека приближувањето кон ЕУ ќе ја чини Црна Гора економски загуби.

72

Одлуката на Црна Гора да го укине безвизниот режим за граѓани на Русија од 1 ноември наиде на реципрочен одговор од Москва. Русија најави дека ќе воведе визи за Црна Гора.

– Следствено, црногорските граѓани исто така ќе мора да добијат визи за патување во Русија. Оваа одлука на Подгорица очигледно им штети на црногорските интереси – изјави портопаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова.






Според Захарова, потегот на Црна Гора за визите ќе го намали бројот на руски туристи и ќе им наштети на црногорските компании и на инвестициите.

Одлуката на Црна Гора беше донесена на 26 јули годинава како мерка за усогласување со визната политика на Европската Унија. Покрај Русија, Црна Гора воведува визи за државјаните на уште 4 земји: Белорусија, Кина, Турција и Саудиска Арабија.

Русија, пак, засега не соопшти кога ќе започне реципрочната мерка кон граѓаните на Црна Гроа.

Портпаролката оцени дека Подгорица ги жртвува долгогодишните односи со Русија поради своите европски амбиции.

– Во име на европските надежи, долгогодишните достигнувања во руско-црногорските односи постојано се уништуваат – изјави Захарова.

Според неа, последиците нема да се ограничат само на патувањата. Таа очекува намалување на туристичкиот прилив од Русија и влошување на инвестициската клима во Црна Гора.

Захарова предупреди и дека Подгорица не треба да очекува финансиска помош од Брисел за евентуалните загуби.

– Бесмислено е црногорските власти да очекуваат надомест од Брисел за неизбежните загуби.

Руската портпаролка ја искористи најавата и за поширока критика на европската интеграција. Според неа, членството во ЕУ не им овозможува на новите членки да задржат неутрален статус.

Таа ги повика земјите од Западен Балкан да ги анализираат последиците од европската интеграција врз националните интереси и врз благосостојбата на своите граѓани.

Поврзани содржини