📽️ РУСКИ БАЛИСТИЧКИ РАКЕТИ ГО ПОГОДИЈА КИЕВ Уништена деветкатница, има загинати и повредени

Русија изврши масовен напад со балистички ракети врз украинската престолнина, при што загинаа најмалку три лица, а 22 беа повредени. Зеленски тврди дека Киев не добил рано предупредување од сојузниците, додека украински извори откриваат дека Вашингтон претходно се заканувал со прекин на разузнавачката соработка и поддршката.

0

Русија изврши масовен напад со балистички ракети врз Киев, во кој загинаа најмалку три лица, а 22 беа повредени. Уништени се делови од станбена населба, а цел на нападот биле и неколку енергетски постројки во украинската престолнина.

Првите експлозии се слушнале доцна навечер. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, соопшти дека руска ракета, речиси без предупредување, погодила деветкатница во Десњанскиот округ, предизвикувајќи голем пожар. Во нападот загинале најмалку две лица, а 21 лице било повредено. Кличко додаде дека 16 повредени биле хоспитализирани, а четворица се во тешка состојба.

 






Нов бран напади следувал меѓу 4:45 и 6:45 часот, кога во градот се слушнале повеќе од десет експлозии. Околу 5:30 часот биле забележани краткотрајни прекини во снабдувањето со електрична енергија.

По новите напади, Кличко соопшти дека уште едно лице од Дарницкиот округ било хоспитализирано, а во Холосивскиот округ загинало уште едно лице. Неименуван претставник на енергетскиот сектор потврдил дека биле гаѓани неколку електрани. И градоначалникот Кличко навел дека биле погодени повеќе „енергетски објекти“. Официјалните извори сè уште не објавиле детали за обемот на штетата.

 

Државната служба за вонредни ситуации соопшти дека во Киев биле оштетени и една нестамбена зграда, семејна куќа и напуштен објект. Сирените за воздушна опасност се огласиле и во делови од Лавовската, Волинската и Ивано-Франкивската област, на западот на земјата.

Жител на Киев, Максим, раскажал дека тој и неговата партнерка најпрво морале да се засолнат во ходникот на зградата, а потоа и во засолниште, откако експлозија во близина ги искршила прозорците во нивниот дом.

– Сè се случи многу брзо. Дури и не сфативме што се случува – рекол тој.

 

Нападите врз енергетската инфраструктура следувале само неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп побара од Украина да престане да ги гаѓа руските нафтени постројки. Трамп тврдеше дека овие напади придонесуваат за растот на цените на нафтата, кој инаку се поврзува со американската војна во Иран.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски одговори дека е подготвен да прифати такво енергетско примирје доколку Русија престане да ја напаѓа украинската енергетска мрежа.

По нападот, советникот на претседателот, Дмитро Литвин, им изјави на новинарите дека сојузниците втор ден по ред не испратиле рано предупредување за лансирањето ракети. Подоцна и претседателот Зеленски потврди дека Украина не добила никакво известување.

 

– Нашиот систем ги откри ракетите дури кога се приближуваа до Киев – рече Зеленски, додавајќи дека мети биле киевска термоелектрана и станбена зграда.

Украинските воздухопловни сили потврдија дека Русија лансирала балистички ракети кон Киев. Во соопштението се наведува дека „не се примени никакви информации од партнерите за лансирања од непријателска територија“ ниту на 12 ниту на 13 октомври.

Во нападот на 12 октомври, според податоците на градскиот оддел за здравство, биле повредени 12 лица, меѓу кои и 17-годишник.

Само еден ден претходно, на 11 октомври, неименувани извори открија дека администрацијата на Трамп упатила закани до високи украински воени и владини претставници. Тие биле предупредени дека постои можност САД да ја повлечат поддршката за Украина, со цел да ги заштитат руските рафинерии за нафта.

– Ги повикаа сите клучни воени претставници и им се закануваа. Велат дека ќе ја прекинат размената на разузнавачки информации и програмата „PURL“ – изјави украински претставник.

Поврзани содржини