ЧОВЕКОТ, ЉУБОВТА И ПОТРЕБАТА ЗА ПРИПАДНОСТ Никола Тренов со прва самостојна изложба во МКЦ: „Примитивна хармонија“

Изложбата „Примитивна хармонија: Есенција на постоењето“ на младиот македонски уметник Никола Тренов, ќе биде отворена на 14 октомври, во 20 часот, во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје.

26

Во време кога секојдневието често ја потиснува потребата за вистинска поврзаност, младиот уметник Никола Тренов преку сликарството се навраќа на едноставните, но суштински нешта што го прават животот. Неговата прва самостојна изложба, насловена „Примитивна хармонија: Есенција на постоењето“, ќе биде отворена на 14 октомври, во 20 часот, во галеријата на Младинскиот културен центар – Скопје.

Изложбата е визуелна приказна за човекот и неговата постојана потрага по близина, љубов, слобода, припадност и заедништво, но и за односот со природата и светот што го опкружува. Преку смела палета на бои, експресивни форми и препознатлив ликовен јазик, Тренов создава композиции во кои човечката фигура станува носител на емоциите, сеќавањата и личните доживувања.






Во неговото творештво се преплетуваат влијанија од фовизмот, балканската наива, модернизмот и кубизмот, како и поетичноста и интимноста поврзани со делата на Марк Шагал. Овие уметнички правци, сепак, не се само модели што авторот ги следи, туку појдовни точки за градење сопствен израз, во кој различните влијанија се преобразуваат во личен и препознатлив визуелен свет.

„Примитивна хармонија“ ја преиспитува идејата дека суштината на постоењето често се крие токму во наједноставните човечки искуства. Допирот, довербата, љубовта, музиката, природата и заедничкото живеење се мотивите преку кои Тренов зборува за човекот како суштество што не може да постои изолирано, туку постојано трага по поврзаност и хармонија.

Изложбата може да се доживее како своевиден битов роман насликан со четки – низа визуелни фрагменти што заедно создаваат поширока слика за човечкото искуство.

Преку својот пристап, Тренов ја отвора можноста за поинакво читање на секојдневието – не како низа обични настани, туку како простор во кој се создаваат блискоста, припадноста и чувството дека сме дел од нешто поголемо.

Никола Тренов е роден во 2000 година во Скопје. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во 2024 година, а во 2026 година магистрирал на истиот факултет во областа на сликарството.

Добитник е на првото место на Конкурсот за млади сликари, организиран од Шпаркасе банка и Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“ во 2024 година, како и на наградата за најдобро дипломиран студент на ФЛУ за академската 2023/24 година. Учествувал на повеќе групни изложби и ликовни колонии, а од 2024 година е член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Неговите дела се застапени во приватни колекции.

 

Поврзани содржини