Мултифондовите не се волшебно стапче

Бидејќи секогаш е подобро да се учи од туѓите грешки отколку од сопствените, да ги погледнеме искуствата на балтичките земји и Словачка. Овие земји имаат мултифондови практично од самиот почеток на своите втори пензиски столбови, а нивниот имот не е концентриран во државни обврзници како во Македонија, туку е значително пошироко диверзифициран.

90

Мултифондовите овие денови станаа новата голема надеж на македонската пензиска реформа. Идејата звучи убедливо: помладите граѓани повеќе да вложуваат во акции, кои се поризични, но долгорочно можат да донесат повисоки приноси, додека со приближувањето кон пензионирањето заштедата постепено би се префрлала во посигурни форми на вложување, како што се обврзниците.

Во принцип, тука нема ништо спорно. Идејата за мултифондови е економски оправдана. Но постои еден проблем: земјите што имаат мултифондови веќе две децении не покажуваат дека тоа само по себе е рецепт за високи приноси.






А токму тука започнува важната лекција за Македонија.

Бидејќи секогаш е подобро да се учи од туѓите грешки отколку од сопствените, да ги погледнеме искуствата на балтичките земји и Словачка. Овие земји имаат мултифондови практично од самиот почеток на своите втори пензиски столбови, а нивниот имот не е концентриран во државни обврзници како во Македонија, туку е значително пошироко диверзифициран.

Ако мултифондовите се клучот за високи приноси, тогаш резултатите на овие земји би требало да бидат убедливи. Но не се.

Реалната стапка на принос е негативна во Летонија, приближно еднаква на нула во Словачка и само нешто над нула во Естонија. И во Литванија реалните приноси долго време беа многу скромни, околу 1% годишно, сè до 2019 година.

Таа година Литванија спроведува длабинско реструктурирање на пензискиот систем и суштински ја менува улогата на вториот столб. Наместо да го истиснува државниот пензиски систем, вториот столб станува негова дополнителна поддршка и надополнување. Членството престанува да биде задолжително, а со тоа дополнително се поттикнува конкуренцијата меѓу приватните пензиски фондови.

По оваа реформа, перформансите на литванскиот втор столб стануваат значително подобри, со просечна реална стапка на принос од околу 3,5%.

Хрватска дава уште еден интересен пример. Како и Македонија, го воведе вториот столб без мултифондови, во 2002 година, а мултифондовите беа воведени дополнително во август 2014 година. Сепак, деценијата по нивното воведување не покажува јасно зголемување на просечната стапка на принос. Напротив, зависно од периодите што се споредуваат, постојат индикации дека просечниот принос бил понизок од оној што се остварувал пред воведувањето на мултифондовите.

Уште поинтересен е случајот на Полска. Во изминатата деценија токму полскиот втор столб оствари меѓу највисоките реални стапки на принос во Источна Европа, иако Полска никогаш не воведе мултифондови. Тоа само по себе покажува дека мултифондовите не се неопходен предуслов за добри инвестициски резултати.

Но полскиот пример е важен и од друга причина. Во 2014 година Полска спроведе длабоко реструктурирање на вториот столб, со кое драстично беше намален транзицискиот трошок што ги оптоваруваше јавните финансии, додека вториот столб продолжи да функционира како дополнителна пензиска заштеда што ги надополнува државните пензии, наместо да ги ограничува и истиснува.

Со други зборови, Полска не се обиде основниот системски проблем да го реши само со промена на инвестициската стратегија, туку ја промени самата улога на вториот столб во пензискиот систем.

Со тоа доаѓаме до суштината на проблемот.

Проблемот не е само во тоа каде вториот столб ги вложува парите. Проблемот е што вториот столб му прави на остатокот од пензискиот систем, па и на целиот државен буџет.

Искуствата на овие земји не докажуваат дека мултифондовите се погрешен концепт. Напротив, мултифондовите можат да бидат корисно унапредување на пензискиот систем. Но меѓународното искуство покажува дека тие не се магично решение, а особено не се решение за основниот проблем на македонскиот пензиски систем.

Клучниот проблем лежи во конструкцијата на вториот столб од 2006 година. Тој е поставен така што создава огромни транзициски трошоци што ги оптоваруваат јавните финансии и дополнително го истиснуваат државниот пензиски систем, наместо да го поддржуваат и надополнуваат, како што е случај во поразвиените системи низ Западна Европа.

Последиците од таквото решение стануваат сè повидливи: вториот столб не ги оствари приносите што беа очекувани кога беше воведена реформата. Оттаму, наместо да ги зголемува пензиите, вториот столб го зголемува буџетскиот дефицит и јавниот долг.

Затоа првиот чекор не треба да биде потрага по нов инвестициски модел, туку промена на основната организација на вториот столб. Тој треба да стане вистинско надополнување и поддршка на јавниот пензиски систем, како што веќе е направено во Литванија, Полска и други земји од Источна Европа.

Дури потоа има смисла да се разговара за дополнителни унапредувања, вклучително и за мултифондовите.

Мултифондовите можат да бидат корисен инструмент. Но од корисен инструмент не треба да се прави волшебно стапче.

 

Поврзани содржини