🎥 ДРОН ПОГОДИ ТАНКЕР ВО ОРМУСКИОТ ТЕСНЕЦ КАЈ ОМАН Двајца морнари исчезнати, пожар и на друг брод во близина
Двајца индиски морнари се водат како исчезнати откако дрон погоди трговски танкер кај брегот на Оман. Деветмина членови на екипажот се спасени, а потрагата по исчезнатите продолжува.
Танкерот „Петро Делфин“ (MT Petro Dolphin), со 11 индиски морнари на бродот, беше погоден доцна синоќа од дрон во близина на пристаништето Сохар во Оман, соопштија индиските власти.
Танкерот пловел под знамето на Никарагва, но според специјализираниот поморски медиум „Маритајм егзекјутив“, постојат индиции дека регистрацијата под тоа знаме можеби е лажна.
Индискиот министер за пристаништа, бродски сообраќај и воден транспорт, Сарбананда Соновал, потврди дека деветмина морнари се спасени, додека по двајца сè уште се трага. Во акцијата за пребарување и спасување учествуваат локалните поморски служби.
Британската служба за поморски трговски операции (UKMTO) го преквалификуваше претходно пријавениот инцидент во близина на Сохар како напад, откако доби потврда дека танкерот бил погоден од дрон. Локалните власти помагаат во евакуацијата на екипажот. Засега нема целосна процена на штетата, ниту информации за можни последици врз животната средина.
Во одделен инцидент во Ормускиот Теснец, танкерот „Валтера“ (MT Valthera), кој плови под знамето на Маршалските Острови, беше погоден со проектил од непознато потекло, по што на бродот избувнал пожар. Сите 11 индиски морнари на овој брод се безбедни, соопшти индиското Министерство за надворешни работи.
Индија ги осуди нападите врз трговските бродови и предупреди дека повторените инциденти ја загрозуваат безбедноста на поморскиот сообраќај и дополнително ги зголемуваат тензиите во регионот. Њу Делхи побара итно намалување на тензиите и решавање на конфликтите преку дијалог и дипломатија.