СКОПЈЕ ГИ ВРАЌА ГРАДСКИТЕ ЦВЕЌАРНИЦИ Ѓорѓиевски најави реконструкција и пристапни цени
Во тек се активности за реконструкција на цвеќарницата „Роза“ на булеварот Илинден и на објектот кај Министерството за економија. Градоначалникот најави дека цвеќето и услугите ќе се нудат по пристапни цени.
Градските цвеќарници во Скопје, кои со години биле запуштени, ќе бидат реконструирани и повторно ставени во функција, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Станува збор за цвеќарницата „Роза“ на ЈП „Паркови и зеленило“, на булеварот Илинден, наспроти фонтаната „Лотос“, како и за цвеќарницата кај Министерството за економија. Според Ѓорѓиевски, активностите за нивна темелна реконструкција веќе се во тек.
Градоначалникот потсети дека цвеќарниците биле дел од секојдневието на многу скопјани и места од кои почнувале важни животни моменти.
– Скопје ги памети местата во кои започнуваа убавите моменти. Градските цвеќарници беа дел од тие спомени, таму младенците ги избираа букетите за својот најважен ден, се купуваше цвеќе за честитки, за благодарност и за радост во нечиј дом. Мали места со големо значење за многу генерации скопјани. Токму затоа, повторно ги ставаме во функција – изјави Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека целта е цвеќарниците повторно да станат уредни, пријатни и достапни места за граѓаните, а обновувањето го оцени како дел од грижата за градското наследство.
– Имаме обврска да се грижиме за она што го наследивме, да му дадеме нова вредност и да го оставиме со гордост на генерациите што доаѓаат. Секој обновен простор е уште еден зачуван дел од нашиот град – порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави и дека цвеќето и услугите во обновените цвеќарници ќе се нудат по пристапни и фер цени.
– Убавиот гест треба да биде достапен за секого – истакна тој.